„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ВО „ШУТКА“: Депресија, шверц и корупција

Затворски соби со испукани ѕидови, лоша миризба, морничави ходници, единици на ЕБР во маскирни униформи околу затворските згради и кисело насмеани затвореници, беше сликата која екипата на „Слободен печат“ вчера ја затекна во казнено-поправната установа „Скопје“ во Шутка.

Таму не пречека директорот Ѓоко Котевски, кој иако си даде оставка, се уште не му е потврдена од Владата. Низ затворот не прошета началникот на секторот за ресоцијализација, Маријан Јошевски.

Уште на влезот можеше да се забележат припадниците на Единицата за брзо распоредување облечени во маскирна војничка облека и во полна опрема. Тие имаа свои пунктови на три, четири места околу зградата на Управата на затворот. Како што ни посочи Јошевски, тоа е против сите европски препораки и стандарди, но претходната управа одлучила да побара помош од МВР поради престојот во притвор на припадниците од терористичката група од Диво Насеље.

Затворениците помагаат во реновирањето на затворот

Веднаш до управната зграда е и зградата со ќелиите на отвореното и полуотвореното одделение. Околу дворот затворениците копаа и го уредуваа тревникот со цвеќиња. Првиот човек за ресоцијализација во затворот вели дека дел од затворениците се вработени и земаат плата за уредувањето што го вршат околу затворската зграда. Имаат вработено затвореници и како библиотекари и уште на некои позиции за кои затворот има потреба. Тоа не е доволно, вели Јошевски, но е максимум во рамките на условите со кои располага Шутка.

Фото: Арбнора Мемети / Затворската библиотека

Во делот за рекреација затворениците играа пинг-понг, вежбаа на импровизираните справи за вежбање или пак едноставно уживаа на сонцето. Не беа расположени за објективот на нашиот фотограф, а на прашањето „Како е?“ одговараа само со „Добро е“.

Во отвореното и полуотвореното одделение ситуацијата е опуштена, свежо избелениот ѕид Јошевски вели дека е дело на затворениците. Тој објаснува дека колку што можат се обидуваат да променат нешто, иако затворот кубури со финансии, помали реновирања се можни со помош од затворениците. Јошевски ни ги покажа и новите тоалети кои се донации од, како што рече, „опшествени одговорни компании“. Донираните материјали и работата на затворениците направиле тоалетите колку-толку да заличат на нешто.

Фото: Арбнора Мемети / Реновиран ходник во отвореното одделение

Овие две одделенија се опремени и со мали телевизори, во собите се по двајца, тројца, но во некои и по четворица затвореници спијат во една соба. Чуварот кој беше со нас ни кажа дека состојбата на собата зависи најмногу од тоа кој живее во неа.

Фото: Арбнора Мемети

Веднаш до библиотеката се наоѓа и собата за релаксација, опремена со нов голем телевизор, кој исто така е донација од „опшествено одговорна компанија“ за затворениците да го гледаат Светското првенство во фудбал летово.

Ситуацијата е друга во затвореното одделение во Шутка, поделено е со еден голем ѕид и голема железна капија од останатиот дел од затворот. После капијата има уште една ограда, па приемница, каде дури и Јошевски го остави својот мобилен телефон.

Фото: Арбнора Мемети / Капија од затвореното одделение

После приемницата се влегува во еден долг морничав ходник, па по скалите на втор кат е влезната врата на затвореното одделение. Овде ситуацијата беше поинаква, а и миризбата поразлична.

Затворениците својот ден тука не го поминуваат релаксирано во огромниот двор, како оние што се во отвореното и полуотвореното одделение туку, освен два часа прошетка надвор, тие се затворени во еден ходник, шест соби, еден тоалет и една соба за занимација со телевизор на кој се гледаше „National Geographic“.

Нема голема разлика во собите, собите дури се и понови од оние во другите две одделенија од затворот, но недостатокот на простор можеше да се почувствува. Затворениците ниту овде не беа спремни за сликање, но излегоа од собите да дофрлат некој коментар од страна.

Колку чуварите применуваат сила врз затворениците 

Пред да ја започнеме прошетката во затворот, комбе на Брзата помош пристига во затвореното одделение во затворот, но дали станува збор за несреќен случај, тепачка помеѓу затворениците или дали чуварите „несоодветно употребиле средства на присилба“, не добивме одговор.

– Ако за нешто сме добри во однос на европските закони и стандарди, тоа е токму во делот на постапувањето на затворската полиција. Јасно е определено кога чуварите можат да употребат сила – ни објаснува Јошевски.

Кога почнал тој да работи во затворот во 1994 година, почнал како затворски полицаец. Вели дека употребата на сила од страна на чуварите тогаш била „како добро утро“, но денес работите стојат поинаку.

Според Јошевски, човековите права во затворот се почитуваат на високо ниво, а повластувања добиваат оние кои ги заслужиле со доброто поведение.

Во 14-те месеци откако директорот Ѓоко Котевски е на функција, покрената е една дисциплинска постапка за чувар за „несоодветна употреба на средства на присилба“.

– Таа перцепција на јавноста дека има многу употреба на сила во затворите е поради минатото. Во овој затвор имаме контрола од најразлични домашни и меѓународни институции. Нема ни М од можност некој да сокрие такво нешто, во јавноста брзо се шират вестите – вели Котевски, зборувајќи за насилството во затворите.

Додека излегувавме од затвореното одделение го прашавме чуварот дали ги тепаат затворениците, тој ни покажа кон камерата која го снимаше ходникот во затвореното одделение, и ни рече дека тоа е кривично дело.

Фото: Арбнора Мемети

Телефоните се најголем проблем

Телефоните, заедно со дрогата, остануваат најголем проблем за затворската полиција и управата. Котевски тврди дека откако е тој директор има направено повеќе претреси отколку што се имаат направено од 1968, откако затворот почнал да функционира.

– Изнаоѓаме начини како да им ја отежнеме работата на оние кои се одлучиле да продаваат телефони. Можеби дел од таа мрежа се и наши вработени, не велам не. Но не можете да замислите и какви креативни начини пронаоѓаат затворениците за да внесат телефон во затворот – ни објаснува директорот.

Фото: Арбнора Мемети Телефонска говорница

Во последните неколку месеци управата, за да се намали внесувањето на телефони, инвестирала во нова мрежа на најголемото шеталиште, дневно ги менуваат собите која со која ќе шета, ги затвориле прозорците со мрежа, го ограничиле внесот на батерии во затворот, но и се пожалија дека од Агенцијата за електронски комуникации воопшто не го намалиле сигналот на мобилната мрежа околу затворот.

Котевски вели дека откако е тој поставен на позицијата, немаат фатено ниту еден чувар да продава телефони, а последен случај кога фатиле чувар како шверцува телефони бил пред три години.

Хигиената не е на завидно ниво

Од Управата за хигиената во затворот велат дека така ја затекнале од претходната гарнитура, а претходните и тоа што го реновирале, го направиле многу лошо.

– Новите две крила се дури и во полоша состојба од старите. Во новите крила има влага, неквалитетна изработка, кровот е без изолација, има големи пропусти. Старите, иако се навистина изградени многу одамна, ги немаат овие проблеми – вели Котевски.

Според него, без сериозно залагање од Министерството за правда, од Владата и од Управата за извршување на санкции ништо поголемо не може да се промени.

Фото: Арбнора Мемети

Шутка се дави во долгови

Годишните буџети на затворот се намалуваат од година во година, за 2019 наменети се само 22 милиони денари за оперативни трошоци.

– Лани буџетот беше 24 милиони денари, претходни години затворот имал буџет и по 42 па и 60 милиони. Имаме затекнати долгови, 10 милиони денари должиме на Водовод, долг имаме кон ЕВН за струја, кон Комунална хигиена – ни објаснува Котевски.

Најголемиот долг со кој се соочува затворот е оној кон Министерството за внатрешни работи. Асистенцијата која полицијата ја пружа на затворот во спроведувањето на затворениците до судот, посебно оние судења на терористите од Диво Насеље, со хелихоптери, блокирање на раскрсници, чинела 42 милиони денари.

Директорот на затворот вели дека сега се обидуваат да функционираат без да креираат нови долгови.

Бившите функционери од ВМРО-ДПМНЕ се во хашките ќелии

Поранешните високи државни функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои се во притвор се сместени во таканареченото „хашко“ одделение во притворскиот дел во Шутка. За тоа кој во кој дел од притворскиот дел ќе биде сместен одлучува затворската управа, а јавноста има перцепција дека овие поранешни функционери имаат повластен третман во затворот.

Директорот Котевски негира, вели дека праксата, лица од интерес за јавноста, да се ставаат во поизолираните „хашки“ притворски соби, не е од сега.

– И во минатото кога имало некои лица, политички фигури, функционери од безбедносните служби, секогаш биле изолирани и од безбедносни причини и од други фактори – објаснува Котевски.

Во притвор се наоѓаат поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков, поранешниот заменик министер за земјоделство Христијан Делев, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков и поранешниот член на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот