Трето издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во Македонска филхармонија

Фото: Промо

Годинашното, трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија.

„Крај Вардарот џез“ е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, а оваа година е селектиран како еден од 10-те фестивали од Балканот, кои ќе учествуваат во програмата за размена на Фестивали и клубови (FEX – Festival & Club Exchange Program), која се имплементира во рамките на платформата МОСТ музика. Целта е да се поттикне музичкиот пазар на Балканот преку поврзување и поддршка на уметници, менаџери, фестивали и институции и да го доближи до светскиот музички пазар. Ова му овозможува на КВЏ во текот на 2023 година програмска соработка со Тандем фестивал од Европа во чии рамки ќе се овозможи гостување на домашни музичари на фестивалот во Европа и обратно, директна соработка помеѓу организаторите на обата фестивали, отворање нова мрежа на соработници со останатите учесници во програмата и секако поголема видливост и препознаеност на „Крај Вардарот џез“ во поширокиот европски музички контекст. Работата на платформата МОСТ музика е поддржана од програмата Креативна Европа на ЕУ.

Идејни творци на „Крај Вардарот џез“ се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.

Попов на денешната конференција за печат истакна дека фестивалот произлегол од потребата да поддржат една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз.

– Со две изданија зад себе, и публика што брои и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот џез“ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ Џез“ (суб-лејбл на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез сцена во нашата земја – вели Попов.

Заложбата на ПМГ Џез е, пред сè, пронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори.

Во пресрет на фестивалот, Дробицки истакна дека досега издале 34 изданија.

– А покрај вообичаениот формат на издавање на ЦД и во дигитална форма, ПМГ Џез досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 1“ и „Стела“ на „Љубојна“. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот џез 2 – Нов бран“ – вели Дробицки.

Првата интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филхармонија ќе почне во 20 часот со извонредни музичари од регионот и настап на „Спејс трио“ од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав „Ејот“ од Ниш.

„Спејс трио“ е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на „инстант композиција“, а ја води спонтаноста во изразот. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје Дени Омерагиќ (Светлост, Одрон ритуал оркестар).

„Ејот“ е најреномираниот српски џез=состав во последнава деценија, во регионот и на светската сцена. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и Источна Европа.

Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез-формација. Оваа вечер публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, во проширен состав-оркестар. „Сетстат“ ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија. „Сетстат“ издаде 9 студиски албуми, а во пресрет на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10-ти албум по ред.

Во оваа специјална вечер, пред „Сетстат оркестар“ ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата „Бла бла бла“ со соло-изведба на авторска музика на шаркија.

Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и се реализира со поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.

*Комерцијална објава

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот