Трамп, Зеленски, Стармер и Макрон / Фото: EPA

Трамп со новата Доктрина ја понижува Европа, а нејзините лидери молчат, пишуваат европски медиуми

Официјален Париз не се огласува, но францускиот весник „Монд“ заклучува дека за ЕУ ​​и НАТО „разорните оценки откриени во Националната безбедносна стратегија на претседателот Доналд Трамп јасно ставаат до знаење дека Вашингтон повеќе нема никакви обврски во традиционалните сојузи“.

„Тоа е историски раскин со периодот по 1945 година“, наведува „Монд“.

Други медиуми исто така мислат дека во новата стратегија, Трамп ја критикува Европа, а не Москва, и сугерира дека „САД сакаат Европа да ја преземе контролата врз НАТО до 2027 година“.

Стратегијата на Трамп ги обвинува лидерите на европските земји што не им дозволуваат на мнозинството граѓани да ја изразат својата желба за мир во Украина и јасно наведува дека НАТО не смее повеќе да се шири.

Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул е единствениот што се огласи и кажа дека САД не можат да ѝ даваат лекции на Германија за демократијата, истакнувајќи дека верува оти САД остануваат главен сојузник на Европа.

Премиерката на Италија Џорџа Мелони, која е блиска до Трамп во некои аспекти, ги оправда функционерите во Вашингтон и рече дека „Европа мора да разбере дека мора да се брани за да биде голема“.

Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ наведува дека европските лидери „сакаат да избегнат вербален конфликт со Трамп“, иако гневот е голем, бидејќи горливите прашања кои се отворени со САД се многу чувствителни, од преговорите за војната во Украина, до никогаш затвореното досие за американските трговски царини за ЕУ.

„Кориере дела сера“ во својот уреднички текст забележува дека „за 80-те години сојузништво на Европа и САД, имало и тајни потези, дослух, поддршка, но и омаловажување“.

Шпанскиот весник „Паис“, пак, подвлекува дека „Трамп ја притиснал Европа во ќош со својот најголем страв, а тоа е дека политичкото мешање на големиот политички сојузник на САД ја турка либералната Европа во културна и идеолошка војна“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот