Доналд Трамп и потпретседателот Венс фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Трамп ќе ги лови измамниците со социјални бенефиции, Венс на чело на новата група

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е во завршна фаза на планирање нова работна група за борба против измами, чија задача ќе биде откривање злоупотреби на социјални бенефиции во Калифорнија и други американски сојузни држави, дознава Си-би-ес од извори запознаени со процесот.

Според истите извори, Трамп има намера за претседател на работната група да го назначи потпретседателот на САД Џеј Ди Венс. Негов заменик ќе биде Ендру Фергусон, кој истовремено ја води Федералната трговска комисија (FTC) и ќе биде задолжен за секојдневното функционирање на работната група.

Планот, според Си-би-ес, предвидува и вклучување на Колин Мекдоналд, номиниран од Трамп за новата функција истражител на измами во Министерството за правда на САД. Мекдоналд формално би ѝ поднесувал извештаи на државната обвинителка Пам Бонди и нејзиниот заменик Тод Бланш, но и би соработувал тесно со Венс и Фергусон.

Според изворите, ваквиот модел може да предизвика загриженост кај Демократската партија и кај надзорните тела, поради можноста за политички притисок врз истрагите, вклучително и оние насочени кон политичките противници на Трамп.

Новата работна група, како што наведува CBS, би можела да ги заобиколи постојните единици на Министерството за правда кои се занимаваат со измами, делумно поради незадоволството на администрацијата од отпорот на кариерните службеници кон одредени приоритети и методи.

Иницијативата доаѓа по серија големи случаи на измами со јавни средства. Ревизорите во Калифорнија открија злоупотреби вредни повеќе милијарди долари во програмите за помош при невработеност, пандемијата и здравствената заштита. Во Минесота, истрагите за измами во програмите за социјална помош за деца доведоа до тоа демократскиот гувернер Тим Волц да се откаже од кандидатурата за реизбор.

Во меѓувреме, канцеларијата на Бланш сè уште ги доработува деталите за формирањето на новата единица за борба против измами, вклучително и нејзината структура, кадровските решенија и начините за избегнување преклопување со постојните федерални служби и обвинителства низ САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот