Трамп го продолжи рокот за постигнување трговски договор со ЕУ до 9 јули
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди во неделата дека ќе ја продолжи суспензијата на високите царини против Европската Унија до 9 јули, додека продолжуваат трговските преговори.
Препорачано
Зборувајќи со новинарите пред да се качи на „Ер Форс Уан“, Трамп рече дека имал „многу добар разговор“ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кој го потврдил продолжувањето на рокот од првичниот датум 1 јуни. Американскиот претседател додаде дека преговарачките тимови „ќе се состанат брзо и ќе видат дали можеме да најдеме решение“.
Оваа одлука доаѓа како резултат на тековните разговори меѓу двете страни, со цел постигнување договор што ќе обезбеди заеднички интереси во областа на трговијата.
Претходно во неделата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека разговарала телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп за трговските односи меѓу ЕУ и САД, истакнувајќи дека е потребно „време до 9 јули“ за да се постигне „добар договор“.
„Имав добар телефонски разговор со американскиот претседател. ЕУ и САД делат најважен и најблизок трговски однос во светот. Европа е подготвена брзо и решително да продолжи напред со разговорите. За да постигнеме добар договор, ќе ни треба време до 9 јули.“, напиша претседателката на Комисијата на Икс.
Good call with @POTUS.
The EU and US share the world’s most consequential and close trade relationship.
Europe is ready to advance talks swiftly and decisively.
To reach a good deal, we would need the time until July 9.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 25, 2025
Пред два дена, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на ЕУ дека ќе воведе царини од 50% за европските производи увезени во САД од 1 јуни, оценувајќи дека сегашните дискусии „не водат никаде“.
ЕУ се закани на почетокот на мај дека ќе воведе царини во вредност од 95 милијарди евра за американскиот увоз, вклучувајќи автомобили и авиони, доколку трговските преговори со Трамп не успеат. Комисијата, исто така, објави дека ќе ги упати САД до Светската трговска организација (СТО).
Владата на САД воведе три вида царини за ЕУ: 25% за челик и алуминиум, објавени во средината на март, 25% за автомобили и 20% за сите други европски производи, објавени во април. Најновите царини беа суспендирани од САД 90 дена (до 14 јули) сè до завчера кога Трамп одлучи да го прекине ова царинско примирје.


