Трагедија во Њу Џерси: Шестгодишниот син на Фло Рајда паднал од петти кат, моментално е во болница

Фло Рајда / Фото: EPA/PETER FOLEY

Шестгодишниот син на раперот Фло Рајда, Зохар паднал од прозорец на стан на петти кат од станбен комплекс во Њу Џерси и моментално се наоѓа на интензивна нега со сериозни повреди, пишува „Пејџ сикс“.

Поранешната партнерка на раперот и мајка на Зохар, Алексис Адамс во тужбата поднесена во понеделникот откри дека инцидентот се случил на 4 март и дека момчето било хоспитализирано со скршеници на карлицата и стапалото, оштетување на црниот дроб и белите дробови и внатрешно крварење.

Мајката тврди дека зградата во која живеат има прозорци коишто се опасни, поради што нејзиниот син, кој е роден со ретко невролошко нарушување, паднал на бетонскиот коловоз пред зградата. Таа ги тужеше сопствениците и управителите на станбениот комплекс, градежната компанија, фирмата што ги поставила прозорците и уште неколку лица.

„Како самохрана мајка на дете со посебни потреби, ова што го чувствувам е ноќна мора. Срцето ми е скршено на милион парчиња“, изјавила таа за „Њуз12“.

Таа бара отштета, исплата на адвокатските трошоци и здравствените трошоци на Зохар.

„Јас сум уништена, бесна и се борам да се помирам со фактот дека моето единствено дете претрпе сериозни повреди поради намерното невнимание на сопственикот [на станбениот комплекс] и другите вклучени во непреземањето на потребните безбедносни мерки“, додаде таа.

Раперот сè уште не излегол со коментар за ситуацијата, меѓутоа мајката вели дека тој не учествува во животот на нејзиниот син.

Зохар е роден во септември 2016 година и, од раѓање, тој се бори со хидроцефалус – проширување на мозочните комори или шуплини со вишок цереброспинална течност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот