Традицијата на тутунарите посилна од законите: Си садат без мера, а потоа фрлаат дрвја и камења по откупувачите

Тутунари Македонија
Тутунари / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

За оваа сезона се засадени 11.784 хектари, од кои се проценува дека ќе се добијат 22.137 килограми од „жолтото злато“, но бербата е на почеток, а досега се исушени околу 35 отсто од насадите

Ако продолжи сушата, годинава ќе имаме квалитетен тутун, но ако има дождови, тогаш реколтата ќе биде слаба. За оваа сезона се засадени 11.784 хектари, од кои се проценува дека ќе се добијат 22.137 килограми од „жолтото злато“, но бербата е на почеток, а досега се исушени околу 35 отсто од насадите.

Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија, апелира до производителите да се држат до договорените количества, оти сè што е вишок, прво ним им создава проблеми, а потоа и на откупувачите, кои се принудени да го земат и тоа што надвор од договореното. Предупредуваме навреме, додава Ристовски, потсетувајќи на немилите сцени со откупот на вишоците за кои се платија само по 48 денари за килограм!

– Од ланската реколта беа откупени 26.953 тони суров тутун со просечна цена од 158 денари за килограм, а 99 отсто беше од типот „Прилеп“. Производството не беше намалено во споредба со 2019 година, но просечната цена е драстично намалена, кога имавме 219 денари за килограм. На крајот на откупот цената беше 48 денари за килограм – вели Ристовски за „Слободен печат“.

Според Ристовски, субвенциите на тутунопроизводителите не се исплатени за 2019 и 2020 година, а имаше откупни компании што не го земаа договорениот тутун, но и не беа гонети од инспекторите.

– Традицијата е посилна од законите и од договорите. Има региони и цели семејства, кои не знаат ништо друго да работат освен тутунот. За жал, си садат неплански и потоа ги критикуваат откупувачите. За последната реколта имаше договорено околу 23.000 тони, а беа откупени 27.000 тони. Откупните компании излегоа во пресрет и го откупија целиот вишок, но ако и годинава истото се повтори – нема да биде добро. За сезоната 2020 година, имаше регистрирано десет компании, но во меѓувреме една од нив беше затворена и не ги откупи договорените количини. Ако имаме Закон за тутун и тутунски производи, тогаш сите треба да го почитуваат, а особено производителите – додава Ристовски.

Тој е дециден дека оваа реколта треба да биде поука за сите за да не се преслика проблемот и во новата реколта.

– Мора да постои баланс помеѓу производителите и откупувачите, компаниите се ограничени согласно потребите на светски пазар и ги обврзуваат одредени законски прописи. Оптимално производство согласно светската побарувачка е од 20-25.000 тони годишно. Се под тие количини, или пак над нив ќе биде проблем – додава Ристовски.

 

Ако има дожд, ќе има и вишок тутун

Расадувањето  на тутунот, беше лошо а годината сушна. Бербата од овогодишната реколта е на самиот почеток. Поради појавата на град во одредени региони, бербата сè уште не е почната и има предизвикано големи штети. Сушата е добра за квалитетот на тутунот, но ќе има помала продукција и генерално не е добро за реколтата.

– Сè уште е рано за проценки, но ако се подобрат условите, можно е годинава повторно да имаме вишоци – велат од Тутунскиот комбинат Прилеп.

Реколтата доцни, затоа е потребно да се следи состојбата со вегетацијата кај тутунот, а доколку се појави вишок производство – да се преземат потребни мерки. Доколку има повеќе дожд, ќе се јави вишок производство како и минатата реколта, кое ќе мора да се решава заедно со преостанатите залихи од последната реколта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот