Тоталитаризам во срцето на Мицкоски

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Кога ја критикувам денешната опозиција и нивниот потенцијален модел на владеење (затоа што знам како ќе владеат), која е мојата цел? Дали ги разбирам ВМРО-ДПМНЕ како закана за поредокот и граѓаните, или сметам дека овој денешен „режим“ на Заев не е добар, па треба да го замениме со ВМРО-ДПМНЕ? Да се верува дека Мицкоски треба да дојде затоа што владеењето на Заев е лошо, таквото верување го сметам за наивно.

Мицкоски во својата предизборна кампања, со други зборови, мене ми вели дека неговото евентуално мнозинство ќе биде сè, а малцинството ќе биде ништо. Свесен сум дека неговото „мнозинство“ нема да прифати тој да биде мандатар „на сите граѓани“ и свесен сум дека тоа ќе биде една одвратна поза во која јас не сакам да учествувам. А всушност, кој од него тоа го бара? Што ако јас не сакам Христијан Мицкоски мене да ме претставува во Собранието? На изборите ќе бидам прашан и ќе кажам дека јас не сакам овој човек да ме претставува во Собранието.

Затоа што знам дека повторно ќе се вратат на старите националистички матрици: нашето мнозинство е сè, вашето малцинство е ништо, апсолутна нула. Дури, тврдам, Мицкоски лаже кога вели дека тој ќе ги претставува граѓаните во Собранието, мислејќи на оние што ќе гласаат за него. Не: граѓаните што ќе гласаат за него ќе немаат никакво право на мислење, туку ќе бидат обичен декор во неговата популистичка машинерија. Малцинството во Собранието ќе има иста улога каква што имаше Ѓорге Иванов кога беше на нивната страна, а таа улога е „чист фикус“ поставен во собранискиот хол. Постојат многу убави и речити, а постојат и некои егзотични зборови што ја објаснуваат парламентарната демократија под чизмата на груевизмот (не, сè уште не е поразен, ако на тоа мислите!), и ако судиме од нашето искуство, малцинството во Собранието, да повториме, за Мицкоски и неговата партија нема да вреди пет пари.

До сега, до овој момент, факт е дека единствена репрезентативна партија што се грижи за „мултиетничките и мултикултурните“ малцинства е СДСМ, што значи дека само таа ги помага репрезентативно етничките малцински групи. Да ги земеме за пример Албанците: не само што Зоран Заев ги претставува Албанците, туку СДСМ докажа дека тие, Албанците, може да бидат застапувани од неалбанец во Собранието. А партијата на Мицкоски мисли обратно: ние може да ги застапуваме само нашите, национални интереси! Па се поставува прашањето: што е со другите национални заедници, кој нив ги претставува во Собранието? И што е со сите останати интереси?

„Добра власт“ е онаа власт која ќе ги убеди малцинските заедници обратно од ВМРО-ДПМНЕ: без разлика што се малцинство, тие во политичка смисла се важни. Ако оние што се поразени сфатат дека се исклучени од заедницата на одлучување, таквиот став нив ги води кон поинакви средства на борба. Е, тоа, парадоксално, ВМРО-ДПМНЕ не го сака. Ним им треба малцинска група која ќе биде пасивен субјект, така што својата политичка активност ќе ја сведе на бедна и физичка излезност на избори. Ги убедуваат своите гласачи дека сè што треба да направат е да излезат на избори и – да гласаат. А за тоа да се случи, тие граѓанинот го убедуваат дека гласот за нив навистина вреди. Се разбира, Мицкоски со други зборови им вели на своите членови дека се ништо, апсолутни нули, обична публика. Оттука, јасно е, ВМРО-ДПМНЕ ни ја објаснува во себе својата внатрепартиска тоталитарна логика.

Мицкоски вели дека нивната партија е за Европа, а внатрепартиски води сталинистички пресметки со свои неистомисленици, ја чистат партијата од членови што не се согласуваат со генералниот курс на партија. А кога е така, а во ВМРО-ДПМНЕ секогаш е така, демократските средства се користат како демократска легитимација за тоталитарни практики. Рангелова, Богојевски и Јанчев се исклучокот што го потврдува правилото. Овие луѓе денес се избркани од својата матична партија затоа што не се согласуваат со политиките на Мицкоски.

Тука доаѓаме до мојата главна теза, која вели дека ВМРО-ДПМНЕ во своето „изборно“ јадро е длабоко тоталитарна партија: мнозинството е сè, малцинството е ништо.

Кога ја критикувам денешната опозиција и нивниот потенцијален модел на владеење, која е мојата цел? Дали ги разбирам ВМРО-ДПМНЕ како закана за поредокот и граѓаните, или сметам дека овој денешен „режим“ на Заев не е добар, па треба да го замениме со ВМРО-ДПМНЕ? Таквото верување го сметам за наивно. Да се верува дека на местото на Заев треба да дојде Мицкоски, кој ќе ја промени државата и ќе донесе повеќе демократија и благосостојба, го сметам, да простите, за налудничаво. Денес има критика за Мицкоски, за нивното претходно владеење, со право, бидејќи во најголема мера денешното наследството е нивното вчерашно срање. Но, да се обидам да објаснам еден детаљ од говорот на Мицкоски: „кога ќе дојдеме на власт, ќе се избориме со корупцијата“. Груевски со „борба против корупцијата“ го легитимираше својот режим. И тука може да ја откриете неговата тоталитарна матрица, затоа што на крајот, целта им беше системот да се направи посилен и поцврст. Со лажна борба против корупција се создава обратен процес: борбата против корупцијата работи според инструкциите „од горе“.

Тука, зад искинатата завеса на груевизмот, се плази јазикот на Мицкоски. Завесата може да ја вратиме, а претставата може да продолжи како ништо да не се случило – а тоа не смееме да си го дозволиме. Единствено што ни преостанува е да бидеме верни на себе и да не ги изневериме очекувањата што од нас се бараат. А тие се: Мицкоски и неговата политичка партија се длабоко тоталитарни, нема да ѝ донесат ништо добро на оваа земја, напротив, ќе го вратат национализмот и ќе прогонуваат вештерки. Оној што тоа не го исчитува, го сметам за наивен и неспремен за денешниот политички контекст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот