Тензии во Сирија: Геостратешка игра или потенцијален воен судир на двете светски сили?

Хавајски синдром, мистериозна болест ги погоди војниците ширум светот/Фото: EPA-EFE/YAHYA NEMAH

Во блиска и потенцијално опасна средба во Сирија, американско воено возило се обидело да истурка руско воено теренско возило од патот. Двете возила се движеле во различни воени конвои кои се сретнале во еден дел од патот, па за да избегнат евентуален воен судир, за малку ќе предизвикале сообраќаен судир.

Видеото најпросто ја покажува опасната и сложената состојба во која се наоѓа Сирија и што сѐ може да се случи кога две од трите светски суперсили имаат своја војска на еден ист терен. Сложеноста на ситуацијата оди дотаму што своја воена сила има распоредено и силниот регионален фактор Турција.

Русија изминативе години има две воени и две поморски бази на сириска територија, во која се концентрирани одредени воени инсталации што имаат за цел да го одбранат режимот на Башар ал-Асад во Дамаск. Токму овие сили успеаја да го спасат Асад од паѓање од власт и сега жестоко ја поддржуваат сириската армија воено да напредува и да ги чисти последните упоришта на бројните терористички групи стационирани во близина на границата со Турција. Секојдневно пристигнуваат извештаи дека руската воена авијација од воздух им дава поддршка на трупите на Асад на теренот, што им помага да бележат воени успеси и да ги поразуваат воените групации. Инаку, истите тие милитантни формации без руска поддршка, до пред една година се закануваа да го освојат главниот град Дамаск.

Руската помош ги направи сириските воени команданти толку супериорни, што неколкупати досега дојдоа до директен вооружен судир со моќната турска армија стационирана во Сирија, настани во кои беа убиени 16 турски војници.

Од друга страна пак, Турција, која подолго време се бори да го урне режимот на Асад, веќе испрати воени трупи на сириска територија со цел да воспостави воени пунктови. Овие воени пунктови, според плановите на Анкара, треба да бидат заштитна зона за турско-сириската гранична линија. Анкара не крие дека ги поддржува милитантите во Сирија, од кои дел се под епитетот опозициони и се борат да го урнат Асад од власт. Се разбира со голема подршка на Турција и пред сѐ САД. Во духот на турско-руските добри односи, Москва и Анкара ги направија правилата на играта… Размена на информации за воените движења на трупите со цел да се избегне евентуален „пријателски оган“, и да дојде до несакани воени жртви. Особено што Москва и Турција подолго време се прикажуваа како блиски соработници, кога се однесува политиката на Блискиот Исток.

Иако сите веќе ги отфрлија САД како сила која е надвор од „сирискиот воен котел“, Вашингтон како да успева да ја врати наклонетоста на Турција, а со тоа и играта околу Сирија. Долги децении Вашингтон се обидува геостратешки да ја надмудри Москва, нејзиниот традиционален и единствен арапски сојузник да го сврти на своја страна, со што меѓу другото би ја прекинала единствената врска на Русија со Средоземјето.

Повикувајќи се на НАТО-сојузништвото, САД и Турција во моментов сепак на крај се од една, а Русија од друга страна. Токму ова порамнување на линијата сега може да предизвика дополнителна опасност од евентуален судир. Ако неприродната коалиција на Русија и Турција во изминатиов период гарантираше колку-толку мали шанси за поголем конфликт, сега, приближувањето на Вашингтон и Анкара би можело да ја зголеми опасноста за судир на светските суперсили.

Откако Турција очигледно се враќа во јатото на НАТО околу Сирија, Вашингтон најави испорака на америкаснки ракетни системи „Патриот“ за потребите на турските трупи во оваа земја. Тие, за потсетување, треба да бидат искористени за да се спречи офанзивата на сириските трупи во регионот на Идлиб. Ракетните системи треба да ја неутрализираат воздушната поддршка на силите на Асад, кои потоа би биле поразени во жестока турска копнена акција. А воздушната поддршка која треба да биде мета на ракетите „Патриот“ се руските воени авиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот