Тематска изложба за маргинализираните лица е поставена во Музеј на РСМ

Во НУ Музеј на Република Северна Македонија од 17 ноември ќе биде отворена седмата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Дозволи да летне ко’пиле“.

Изложбата се состои од 40 дела, изработени во текот на 2022 година во техниките масло на платно, масло на плексиглас и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.

Изложбата насловена „Дозволи да летне ко’пиле“ на Сокол Марковски се однесува на невидливоста на одредени категории лица, во конкретниот случај напуштените деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација.

– Маргинализираните групи деца вообичаено се оние на кои поради неможноста да растат и да се развиваат во сопствено семејство, повеќе или помалку, им е ускратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права. Предрасудите и стереотипите, кои сè уште (изразено) постојат во нашето општество, претставуваат длабоко социјална проблематика и најчесто овие деца се третираат како, речиси, невидливи во општеството, односно се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање.

Портретите (портретот како тематска определба авторот го усовршува подолг период) се средство за најексплицитна и најдиректна форма за соочување со ликот и страдањето на Другиот, со „копилињата“ кои, иронично, општествено треба да се безлични. Предимензионираноста е тенденциозна заради постигнување нивна поголема видливост, наспроти посочените наметнати невидливи позиции, при што се претставени интимните психолошки состојби.

Преку црно/белата палета дополнително се алудира на дуализмите како што се: темнина/светлост, позитивно/негативно, припадност/неприпадност, видливост/невидливост, појавност/внатрешност, полно/празно… Притоа, се манифестира одреден вид деконструкција на повеќеслојните ликови (поставени врз монохромна позадина) зад наталоженоста, зад маската на појавноста и визуелизација на внатрешната експресија на личностите преку минимална употреба на „не-бојата“.

Состојбата на страдање во ликовите е недовршена/несовршена и е суров сенишен одраз на „светот на идеите“, иако децата се разликуваат според сопствените експресивни психолошки карактеристики. Реалните и имагинарни ликови, преку феноменот на „копилето“, говорат за позиција во општеството обременето со конформистичка колективна селективна меморија.

Сокол Марковски преку оваа изложба (и претходната „Рак не е само хороскопски знак“) ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во чија основа се наоѓа борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција.

Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг – стои во најавата на изложбата.

Сокол Марковски е роден во 1966 година во Скопје. Завршил во ГУЦ „Здравко Цветковски“, Архитектонски оддел во 1986 година. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот