Технолошкиот парк на Џон Малкович уште ќе чека виза од Владата на Ковачевски, Мицкоски е заинтересиран повеќе

Џон Малкович/Фото:EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Повеќе од една година се чека до Владата да стигне оценката за проектот за Технолошки парк во Скопје по идеја на познатиот холивудски актер Џон Малкович кој деновиве престојува во Македонија за да се донесе конечна одлука за прифаќање или отфрлање на овој стратешки проект тежок стотици милиони долари.

Се работи за голем потфат кој може да ја стави државава на мапата на филмската и музичката индустрија и да и отвори можност да биде домаќин на светската филмска елита и да развива нови технологии врзани со сајбер безбедноста, образованието и аспектите од интернет сферата како што се роботика, гејминг индустрија и блочејн технологија ,

Филмски студија, како и поголем бизнис комплекс за истражувања, едукации, сместување, трговија се само дел од предлогот за проектот наречен „ STP Stone Bridge Studios“, зад кој стојат лица од САД, Србија и од земјава.

-Се работи за проект којшто е поднесен од група на приватни инвеститори кој се разгледува од Работна група којашто работи на оценка на стратешките инвестиции. Стратешките инвестиции се гледаат од многу аспекти, дали стратешкиот инвеститор има обезбедено простор, начинот на финансирање, што ќе прави на тој простор, дали планира да прави во овој случај филмски студија или планира да прави станбен простор. Така што кога сето тоа ќе се разгледа и доколку работната група оцени согласно стандардите наведени во Законот за стратешки инвестиции дека тоа е добар проект, тогаш се поднесува во владата. Се додека нема оценка за сите аспекти на можната предложена идеја за инвестиција, тогаш владата не може да носи одлука, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Идејата за филмски град на периферијата на Скопје постои уште од времето на претходната влада на Никола Груевски, но ова е многу поголем бизнис тоа, па вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечера со Џон Малкович се пофали дека разговарале за филмските студија кои на Зајчев рид сака да ги изгради компанијата која ја застапува.

„На вечера со Џон Малкович и разговор за развојните проекти и филмските студија. Македонија мора да фати чекор со глобалните текови, нашата борба е да се развиваме во секој можен сегмент“, се пофали Мицкоски.

Самиот Малкович лично пред новинарите во винаријата „Камник“ претходно зборуваше за големината и важноста за овој проект кој е стратешки за државата.

-Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, нејзиниот талент и нејзиниот потенцијал. Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам, да придонесам за дел од светот кој на мене многу ми значи. Ќе изградиме наследство кое не само што ќе влијае на филмската индустрија, туку и ќе остави траен впечаток во срцата и умовите на сите кои ќе се сретнат со магијата на Северна Македонија и ќе ја променат иднината на оваа голема земја, рече Малкович чии корени се од Хрватска.

Според промотивните видеа пред 8 месеци закачени на видео платформата ЈуТјуб, Технолошкиот парк СТП е идеја на македонска компанија која носи директна инвестиција од 170 до 240 милиони евра, со потенцијал да придонесува со 1,6 милијарди во бруто домашниот приход и да отвори над 1.000 нови работни места.

-СТП е стратешка инвестиција која се базира на три основни столба: образовен центар, центар за сајбер безбедност и ИОТ (интернет на нештата) центар како и филмски, медиумски и музички студија, се нагласува во видеото.

Партнери на Џон Малкович во проектот се и актерите Мет Дилон и Доналд Ворен Мофет, а акционери во СТП се поранешниот гувернер на Пенсилванија Том Риџ и Стив Колер.

-Скопскиот технолошки парк беше поддржан од Владата и има писмена официјална потврда за тоа. Земјиштетот кое е предмет на бизнис планот на СТП беше посочено од страна на Владата и Општина Карпош. Врз база на тие препораки СТП започна со изработка на деловниот план и договорите со инвеститорите и комплетирање на документацијата според законот за стратешки инвестиции и деловниот план и потребната документација е поднесена до владата на 27 јануари 2022 година, стои во второто видео од СТП Капитал Партнер Холдингс.

Тие потсетуваат дека проектот со отворено писмо до владата веќе го поддржале 28 професори, театарски, филмски и музички уметници од Македонија и Балканот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот