Театарска премиера онлајн: Враќање кон човечката суштина со компјутерска поддршка

Интересен театарски експеримент понуди независната продукција „Пресврт“, која на 9 септември ја изведе претставата „Иднината е приватна“ со актерска игра на сцена во МКЦ, а со стриминг на претставата преку интернет-платформа.

Трагајќи по нови театарски форми, продукцијата „Пресврт“ одлучи да не ги чека протоколите за работа во театарските објекти, туку користејќи ги современите технологии да понуди нова претстава за театарската публика. Текстот за претставата „Иднината е приватна“ е поставен во режија на Милош Б. Андоновски, на сцената се појавуваат актерите Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Дарко Ристовски и Нина Елзесер, додека гласовите на компјутерските програми Ирис и Адам се на Ангела Стојановска и Христијан Поп-Симонов. Поставувањето на претставата тргнува од прашањето: Каква е иднината?

– Освен што се уверивме дека е непредвидлива, таа може да биде и розова, истовремено и дистописка, како во оваа претстава, која тврди дека таа е „приватна“ односно дека лежи во враќањето на приватноста назад кон човекот. Што ако иднината навистина лежи во враќањето наназад, во нешта кои порано биле секојдневие, а денес се веќе егзотика: миризбата на лебот, грижата за природата, животните и другите? Живееме изолирано и повеќе виртуелно, отколку во живо, зашто само така се чувствуваме поврзано со она што е надвор од нас, од овде. Иднината ја чувствуваме преку видливоста, препознатливоста, брендот, споделувањето на личните спомени и оплакувањето на мртвите – елаборира режисерот Милош Б. Андоновски.

Наталија Теодосиева во „Иднината е приватна“ (Фотографија: Ерина Богоева)

Претставата се игра во физички простор и време, а преку стриминг се пренесува низ виртуелниот простор. Иако сценографски и костимографски оди кон „благ футуризам“, дејството не се случува во некаква далечна иднина, туку во иднина која и сега е пред нашите очи.

Актерите во претставата играат со своите вистински имиња, а во првиот дел комуницираат само со компјутерската програма Ирис. Животот на луѓето толку станал зависен од Ирис, што едноставно веќе не се во состојба да донесат сопствена одлука без да се консултираат со компјутерот. Практично, компјутерот почнал да води сметка за секој потег, секој милиметар или секунда во животот на луѓето. Затоа одлуката да ги врати луѓето кон нивните физички и да ги оттргне од виртуелните профили ја носи компјутерот Ирис, внесувајќи ги ликовите во вториот дел од претставата во зона каде што нема интернет и ги нема алатките на виртуелната реалност. Тоа е простор во кој човекот треба да сфати дека се одделил од својата суштина и дека ја изгубил способноста за комуникација со други луѓе. Пресвртот се случува во третиот дел, но тоа оставаме сами да го откриете.

Покрај актуелноста на текстот, претставата е современо дизајнирана со костимите на Ирина Тошева и сценографијата на Наташа Вчкова. Музиката и анимациите се на новиот музички проект „Искра“. Во претставата се користи и многу технологија, камери и стедикеми, компјутери, програми, стримови. Експериментот на „Пресврт“ е успешен, вложените труд и ентузијазам заслужуваат секаков вид поддршка. Единствениот проблем со претстави од овој тип е да не „падне“ интернет-мрежата. По премиерата оваа претстава својот живот ќе го продолжи во виртуелниот простор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот