Татко на нацијата или татко на партијата: Каков кандидат за претседател ќе помине кај граѓаните?
Остануваат уште неколку месеци до распишување на изборите за претседател на државата, а партиите сè уште јавно не излегоа со свои кандидати кои се ќе учествува во трката. Истовремено, додека во јавноста веќе се појавија неколку сондажи и анкети, кои го пресметуваат внатрепартискиот рејтинг на потенцијалните претенденти за оваа функција, засега никој не говори за тоа кои би биле очекувањата на граѓаните од идниот шеф на државата.
Препорачано
Дали и какви филтри е потребно да се поминат за да се најдат луѓе со личен и професионален интегритет и кредибилитет, кои би биле здрави претседателски кандидати во пресрет на изборната трка за идниот шеф на државата но и дали воопшто има личности со таков профил за една од најистурените функции на извршната власт се дилемите кои се актуелни меѓу домашните познавачи на состојбите во пресрет на датумот за распишување на претседателските избори.
Стручна јавност со која се консултираше „Слободен печат“ вели дека перцепцијата на граѓаните за политичките кандидати е секогаш иста бидејќи сите македонски поранешни претседатели во својата кариера го носеле „партискиот багаж“ со нив при извршување на функцијата. Со таквата стигма, како што велат експертите, претседателите во земјава ниту биле ниту пак можеле да бидат обединувачка сила прифатена од сите граѓани во земјата, со атрибутот татко на нацијата.
Некогашниот кандидат за претседател на ЛДП на претседателките избори во 2009 година, дипломат и професор Нано Ружин вели дека во земјата состојбата во која претседателите се приврзани за партиите од кои потекнуваат ќе се задржи до оној момент додека не се промени моделот на изборите, односно изборниот систем.
Според Ружин најважна е еволуцијата на кандидатот по евентуалниот негов избор за шеф на државата во насока на отргање од партиските стеги и политики и фокусирање кон потребите и проблемите на граѓаните.

– Нашата досегашна историја во однос на претседателите е дека тие секогаш биле избирани од страна на двете најголеми политички партии во државата, со исклучок на првиот македонски претседател Киро Глигоров кој и по неговиот избор беше тогаш сдсмовски ориентиран. Тоа секогаш беа луѓе коишто беа предложени од политичките партии. Она што е важно е нивната натамошна еволуцуја на раководењето во делот на тоа што му преостанува на претседателот. Тоа е важно бидејќи нема друг начин да се победи на избори освен да сте кандидат на политичка партија – вели Ружин.
Ружин дообјаснува дека тоа е така бидејќи актуелниот модел за избор на претседател, во одлучувачка мера зависи од огромниот број гласови, кои единствено можат да ги дадат партиите, за да се извојува победа. Токму тој елемент на изборниот систем ги прави нив де факто потчинети на партијата, а не во функција на граѓаните.
– Едноставна причина за ваквата констелација на состојбите е што големите политички партии имаат развиено таква мрежа на контрола што се во состојба за жал да го менаџираат електоратот, што пак тоа не е можност и за помалите партии. Вториот аспект е што политичките партии застануваат отворено зад својот кандидат, тоа беше и е случај од нашата независност па се до денеска. И третиот елемент кој е важен да се спомне и зависи од самата личност на кандидатот за претседател а тоа е неговиот интегритет. Добро знаеме дека ингеренциите на претседателот се многу мали, знаеме дека има мал дел од извршната власт и од тој контекст многу мали се шансите освен со исклучок на првиот претседател Глигоров, тој да се наметне како татко на нацијата. Во Македонија многу тешко може претседателот да биде вистински татко на нацијата. Тоа пред сè е резултат на сегашниот изборен модел, а дополнително сето тоа е условено од тоа како новоизбраниот претседател ќе се постави, односно дали тој ќе и слугува на партијата или пак ќе се води од интересите на државата и народот– оценува Ружин.
Според размислувањата на аналитичарите и на хроничарите на општествените движења, партиите во последно време за жал многу малку ги интересира демократијата и процедурите, туку единствено власта.
Професорот Јове Кекеновски за оваа тема вели дека функцијата претседател сè потешко се дистанцира од голите интереси на одредената политичка партија. Имено, тој тврди дека без разлика дали кандидатот за време на кампањата ќе се декларира како натпартиски или независен, по добивањето на мандатот е силно изразено чувството на директно влијание од одреден партиски центар на моќ.

-Генерално сè зависи од персоната која влегува во трка за претседател. Дали личноста во јавноста е докажана со своите независни ставови и принципи по одредени прашања, дали тој слугува на партијата или пак кај кандидатот доминантен му е интересот на државата. Факт е дека е потребна политичката поддршка, но таа не значи затворање на очите пред криминалот и другите недемократски процеси во државата. На граѓаните им е потребен човек со кредибилитет кој ќе може да му се спротивстави и на највисоко раководство на партијата. Дали имаме таков човек засега не можам да кажам бидејќи имињата за претстојните избори сè уште не се објавени во јавноста, но од моето досегашно искуство тешко можам да проценам дека ќе се избере личност кој ќе биде пред се професионалец и ќе работи во интерес на граѓаните а не за партијата – посочува Кекеновски.
Тој вели дека е апсурдно да се споменува во јавноста за натпартиски кандидати кога влегуваме во време на уште една брутална меѓупартиска политичка кампања каде што најистурени ликови ќе бидат токму партиските војници и штабови.


