Светски ден на театарот: Театарот е чист и хуман акт што се заснова на животот

Теута Ајдини-Јегени (Фотографија: Дејан Колевски) и Самиха Ајуб (Фотографија: ИТИ/Продукција)

Македонскиот центар ИТИ/Продукција секоја година доследно го одбележува Светскиот ден на театарот – 27 март со избор на авторот на националната порака и превод на светската порака, кои се читаат пред секоја претстава што се изведува во македонските театри на тој ден.

Извонредната театарска и филмска актерка Теута Ајдини-Јегени е авторка на домашната порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март. Таа е актерка – првенка во НУ Албански театар во Скопје. Играла во триесетина театарски претстави (во матичниот театар во Скопје, во Националниот театар во Косово и во независни продукции), како и во десетина играни и телевизиски филмови и серии. Добитничка е на повеќе театарски и филмски награди.

– Кога ја добив поканата од Македонскиот центар на ИТИ да ја пренесам годинешната порака за Светскиот ден на театарот, со што сум исклучително почестена, се сетив на една мисла која ја прочитав некаде, а која вели дека е невозможно за театарот да зборуваш спокојно. И мислам дека тоа е највистинскиот одговор на прашањето „што е за тебе театарот?“, посебно за некој којшто е со театарот буквално од кога знае за себе; некој којшто растел и старее со него. Накратко, јас не можам мирно и ладнокрвно да речам „знаете, театарот за мене е…“ тоа и тоа… Не можам, затоа што тоа прашање за мене е исто како да ме прашате „што е за тебе животот“? Дури и повеќе од тоа – како да ме прашате „што е за тебе љубовта?“ Љубов! Тоа е вистинскиот збор за театарот – кој ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат така лесно со зборови… тука се испреплетени и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста… Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски деец, затоа што без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден од нас кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе – напиша Теута Ајдини-Јегени, додавајќи дека задача и мисија на театарот е да го следи животот, да реагира на случувањата во општеството, во светот, да укаже на опасностите и девијациите во нормалноста и хуманоста, да ги соопшти пораките кои светот и човекот има потреба да ги слушне во времиња на кризи.

Авторка на светската порака е доајенот на египетскиот театар и фасцинантна актерка Самиха Ајуб, која, меѓу другото, потенцира дека „нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓу себе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе оддалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас“, додавајќи дека „театарот во својата суштина е чист и хуман акт кој се базира на есенцијалното хумано, а тоа е животот“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот