Светот станува слеп за убавото, вели џез-вокалистот Џон Илија Апелгрен во интервју за „Културен печат“

Познатиот џез-вокалист Џон Илија Апелгрен на 22 јуни ја промовираше својата книга „Забранети луѓе“, инспирирана од животот и егзистенцијалните проблеми на дел од џез и рок-музичарите во време на ковид-пандемијата.

Досега сум проследил повеќе концерти на Џон Илија Апелгрен, а често сме се сретнувале и на други културни настани во изминативе 20-ина години и затоа многу чудно ми стана што првото интервју со него го правам по повод излегувањето на негова книга.

Станува збор за фотомонографијата „Забранети луѓе“, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Книгата беше промовирана на 22 јуни, промоцијата имаше свој говорен и музички дел, а на настанот присуствуваа и дел од музичарите чии биографии се дел од содржината.

Во книгата се застапени портрети на 14 домашни музичари, чијашто главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Меѓу нив се: Благоја Антовски (тапани), Игор Атанасоски – Харе (гитара), Трајче Велков (труба), Калина Велковска – Кали (вокал), Зоран Костадиновски (гитара), Крле (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Џоле Максимовски (бас-гитарист), Андреа Мирческа (контрабас), Иван Петровски (гитара), Полина Тасева (сопран), Петар Ренџов (гитара), Гордан Спасовски (пијано), Арбен Бени Шаќири (вокал) и Џон Илија Апелгрен (вокал).

Покрај тоа што е автор на книгата, Апелгрен се јавува и како фотограф на црно-белите портрети на музичарите. Предговорите ги напишаа музичките новинари м-р Бранка Костиќ-Марковиќ и Ненад Георгиевски, како и познатиот фотограф Драги Неделчевски. Објавувањето на книгата има солидарен, односно хуман аспект, за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата.

Во разговорот со Апелгрен ги откриваме мотивите за пишувањето на книгата, но посегнуваме и по суштинските проблеми со кои се соочуваат музичарите во актуелниот општествен амбиент.

Од музичарите обично се очекува да објават албум, а многу поретко се случува да објават книга. Книгата беше најавена како сведоштво за животот на музичарите во време на короната. Што беше клучниот момент што го иницираше создавањето на книгата?

– Наталожениот огромен револт беше причината поради која се роди идејата за оваа книга. Во услови на пандемија, ние, музичарите кои живееме исклучиво од живи настапи, бевме во буквална смисла на зборот – забранети.

Во време кога бевме затворени дома, кога луѓето стравуваа за своите семејства, здравје и работни места и беа под огромен психички и финансиски стрес, токму во филмовите, книгите, сериите и музиката пробуваа да го најдат својот мир. Токму разните видови уметности беа тие кои ни помогнаа да останеме психички здрави и способни да се избориме со премрежието што нè затекна. Но, кога попуштија мерките и се направија протоколи за работа на сите, Комисијата за заразни болести кај нас не сметаше дека има потреба да направи протоколи со кои ќе ни овозможи да работиме, а со тоа и да обезбедиме егзистенција за нас, односно за околу 1400 семејства.

Во услови на пандемија, ние музичарите што живееме исклучиво од живи настапи, бевме во буквална смисла на зборот – забранети / Фотографија: Татјана Ранташа

Во содржината на книгата се објавени минибиографии и кратки интервјуа со 14 твои колеги музичари. Ги има од различни генерации, свират на различни инструменти, а неколкумина се твои колеги – вокалисти. На кој начин беше направен списокот на музичари што се застапени во книгата?

– Кога дојдов до идејата да ја направам оваа фотомонографија, најпрво седнав и направив список на колегите од кои имам контакт. Внимавав да има колеги од разни музички жанрови и различни инструменти и мислам дека направив убав избор. Застапени се музичари од мојата, но и од помладата генерација. Се разбира, морав да сметам само на одреден број колеги, бидејќи требаше да водам сметка и за бројот на страници на готовата книга.

Ако повнимателно се прочита дизајнот на насловот на книгата „Заб(ранети) луѓе“ ќе бидеме повлечени во подлабоката суштина на мотивот за нејзиното пишување. Ако забраната важеше за време на пандемијата, на што се однесува „ранети“?

– Ранети бевме и навредени од односот на државата кон нас, односно нејзиното игнорирање. Истите оние што постојано зборуваат дека културата е најважниот сегмент во градењето и чувањето на нашиот идентитет, нешто што е особено важно токму во периодов кога нашата држава на патот кон ЕУ доживува секакви омаловажувања и кражба, не само на нашата историја, туку и на културното наследство, државата нѐ игнорираше, па нѐ вметнуваа во мерки со услови, кои многу мал број од нас ги исполнуваа. Потоа следуваа изговори дека не можат ништо да сторат додека не направиме комора. Влеговме во политички игри забранети и останавме ранети. Она за што како забранети пробувавме да го добиеме не беа парични средства, туку протоколи со кои ќе можеме да продолжиме со чесна заработка на нашиот уметнички леб. Инаку, за да бидам потполно правилно разбран, ние сме научени да живееме во постојана криза последниве 30 години и тоа е она што е, всушност, уште потажно.

Книгата беше промовирана на 22 јуни, а промоцијата имаше свој говорен и музички дел / Фотографија: Татјана Ранташа

При секоја криза (политичка, економска, здравствена) во нашето општество некако стана правило прво да се крати од културата. Колку книгата е повик да се прекине со таквата практика?

– Тоа е, всушност, главната причина за нејзиното постоење. Сакав да остане запишано што ни се случи за во иднина, во некоја друга слична ситуација, да не се забранат, ранат и заборават идните чувари и градители на нашиот идентитет, односно дел од творците на нашето идно културно наследство. Нормално ќе беше да имавме здрав систем и држава, најголеми буџети во годините на пандемија да имаат министерствата за здравство и социјална политика, а веднаш зад нив за култура, бидејќи во тие сектори беше најголемиот дел на „жртви“ на пандемијата. Но, додека немаше пари затоа што сме биле во криза, се купуваа возила за влада, за полиција, оклопни возила за АРМ, се организираа избори, попис, по изборите, замислете, се дрзнаа и си отидоа на одмор, а народот го оставија да се снаоѓа и уште беше прекорен дека „се нема пари“.

Како џез-вокалист Апелгрен има настапувано на неколку континенти и има добиено валоризација за својот уметнички растеж / Фотографија: Влатко Миташев

Имајќи предвид дека си врвен џез-вокалист и изведувач, какви се твоите лични искуства во животот со и од музиката?

– Јас во суштина сум многу среќен и исполнет човек, бидејќи за време на мојата, сега веќе 35-годишна музичка приказна, имам настапувано на неколку континенти и имам добиено валоризација за својот уметнички растеж. Освен тоа, соработката со врвните имиња на џез-музиката кај нас и во странство неверојатно многу ве облагородува и инспирира.

Иако јас најмногу сакам да исполнувам балади, мојот музички живот е расположен и забавен. На почетокот имав среќа одблизу да учам за музиката и животот од Илија Пејовски, Ладислав Палфи, Љубомир Бранѓолица, Кире Костов, Љупчо Мирковски, Гоце Димитровски, Бедрија Синаноски и други, а сега соработувам со Гордан Спасовски, Душко Гојковиќ, Пол Хелер, Кирил Кузманов, Мартин Ѓаконовски, Трајче Велков…

Кога бев млад и учев виолина, дедо ми ми велеше: „Со виолинчето кај и да те фрлат во светот, ќе можеш леб да вадиш“. Јас не продолжив со виолината, но се сетив на овој муабет многу години подоцна кога во Шангај, Кина, пеев и живеев од тоа. Во странство, каде што никој не ве познава, се зборува на јазик што не го знаете, а можете да функционирате како уметник, значи дека одлично сте го совладале својот инструмент.

Заклучокот ми е дека навистина сум задоволен од животот и од животните професионални искуства и постигнувања. Се разбира, додека ме служи здравјето ќе продолжам да творам и тоа не само на поле на музиката, туку повторно ќе се обидам да направам и по некој излет во дел од останатите културни гранки.

Меѓу музичарите со посебен пиетет се спомнуваат времињата на Шпато, некогашниот Биг-бенд на РТС и Скопскиот фестивал. Во последниве неколку години една огромна празнина во музичкиот живот успева да пополни Здружението на џез-музичари и слободни уметници на Македонија (ЗЏМ). Како се случи од изграден музички систем во одреден период да бидат згаснати сите оркестри, а сега самоиницијативно музичарите да се здружуваат за да се создадат услови да биде претставена нивната работа, имајќи предвид дека годинава и самиот учествуваше во програмата на Светскиот ден на џезот?

– Како во филмот на Вуди Ален „Полноќ во Париз (Midnight in Paris)“ – сите ние некако сметаме дека минатото било поубаво, се стремиме да додаваме во своите сеќавања само позитивни емоции кон минатите искуства и од тоа не можеме да избегаме, но дали е тоа навистина така, не сум баш сигурен. Сметам дека секое време има свои убавини и наша задача како уметници е да го пронајдеме начинот да ја презентираме таа наша уметност. Доколку зборуваме само за човечкиот однос кон уметноста низ временска рамка од времето на Шпато до сега, секако дека не можеме, а да не забележиме дека тоа еродира во негативен правец.

Светот од една страна станува слеп за убавото и по секоја цена го брка материјалното, приземното, лесно достапното при тоа менувајќи ги и своите социјални навики, а од друга страна имате групи луѓе кои ревносно работат на подобрување на себе и се вложуваат во истражување на духот, етичноста, естетиката. Сепак, втората група е помала и тоа е тажно.

Јас ја имав таа среќа да работам и со Биг-бендот на РТС и со сегашниот на ЗЏМ, но не можам да ги споредам затоа што бев искуствено, но и со возраст на различно ниво. Кога се распаднаа оркестрите во МРТ, започна распаѓањето на еден систем што ги вреднуваше сопствените уметници. Во исто време сите сегменти на културата почнаа постепено да го губат времето отстапено во медиумскиот простор, а тој во тоа време и со почетоците на приватните медиуми стана исклучиво комерцијален. Местата на глумците, децата, музичарите, разговорите со интелектуалци на теми од филозофија до историја, поезија, филм, полека го презедоа некои нови политичари и аналитичари кои, всушност, го растурија вредносниот систем што дотогаш го имавме и функционираше.

Кога не сте во можност медиумски да се презентирате, бројот на вашата публика драстично се намалува. Во земјите во нашата непосредна близина, домашните уметници и тоа како се почитуваат и се присутни во медиумскиот простор, а како последица имате уметници што можат достоинствено да живеат и придонесуваат за развој на културата и општествената еволуција во својата средина.

ЗЏМ е полн со млади одлични музичари што доколку не успееме подобро да ги интегрираме во нашиот културен вредносен систем, ќе ги загубиме. Тоа би било еднакво на трагедијата од распуштањето на оркестрите од МРТ. Во моментов имаме голем број на џез-фестивали, две музички академии што произведуваат нов музички кадар, но просторот во кој би работеле се стеснува.

Кога се распаднаа оркестрите во МРТ, започна распаѓањето на еден систем што ги вреднуваше сопствените уметници / Фотографија Игор Тодоровски

Повод за нашето интервју е промоција на книга. Дали тоа може да значи дека објава на книга е полесно од издавање на албум/плоча?

– Можеби не е полесно, но секако е поевтино. За двете треба и одлична идеја и време, но издавањето на музички албум финансиски ве оптоварува повеќе. Кога ќе завршите со книга таа оди на уредување, лектура, дизајн и печатење. Кога ќе завршите со снимањето на музички албум, следува ремикс и мастеринг. Дури откако ќе завршите со нив, следува печатење на албумот. Процедурите во снимањето на музички албум бараат многу повеќе учесници во нив и со многу поголемо учество во финалниот производ.

Промоцијата на книгата беше проследена и со музички настап. Колку во суштина на сите музичари им недостасуваат нормални логистички и технички услови (сцена) за промоција на своите музички проекти во еден организиран систем, а не инцидентно и кој како ќе се снајде?

– Музичарите имаат проблем со простор во кој би ги презентирале своите концепти и албуми. Сите сцени низ државата имаат високи цени за отстапување на просторот. Музичката презентација, освен простор, бара и светло и озвучување. Кога ќе го вклучите и хонорарот на соработниците, веројатно за вас нема да остане ништо, доколку немате обезбедено спонзор. Ова не можете да го избегнете дури и доколку имате менаџер или продукциска куќа зад вас. Можеби е потребна промена на системот во кој концертните простори чинат идентично, без разлика дали станува збор за културен настан или комерцијална презентација или политички настан.

Веќе зборувавме со носталгија за минатото време, но замислете сите сегашни невработени глумци, режисери, писатели, драматурзи, музичари да се ангажирани во МРТВ за да создаваат културни содржини, филмови, радиоемисии, сценографии, документарни емисии, квизови, оркестри, разговори со луѓе кои зад себе имаат сериозен интелектуален багаж… тоа не е нешто што јас го измислив сега, туку токму тој бил начинот како во „тоа време“ на Шпато се создавале вредности со кои сите ние се гордееме.

На крајот ќе се вратиме на почетокот. Покрај објавата на книгата, имаш ли можеби планови и за објава на музички албум?

– Секако. Наскоро треба да излезе мојот албум со француски шансони, снимен во живо на минатогодишниот концерт. А наесен, во октомври, ќе го имам концертот „Звуците на Бразил“, па се надевам до крајот на годината да излезе и тој материјал како аудиоиздание.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот