Падна тужбата на Трамп против „Волстрит журнал“ за текстот за Епстин: Судијата не сфаќа како весникот сакал да му наштети на претседателот

Окружниот судија Дарин П. Гејлс во одлуката напиша дека Трамп не успеал да образложи како написот бил објавен со намера да му наштети.

Федерален судија денеска ја отфрли тужбата за клевета од 10 милијарди долари што претседателот Доналд Трамп ја поднесе против „Волстрит журнал“ и Руперт Мардок поради текст за неговите врски со Џефри Епстин, објави „Ен-пи-ар“.

Окружниот судија на САД во Флорида, Дарин П. Гејлс, во одлуката напиша дека Трамп не успеал да образложи како написот бил објавен со намера да му наштети, но му оставил можност на претседателот да поднесе изменета тужба.

Трамп ја поднесе тужбата во јули, исполнувајќи го ветувањето дека ќе го тужи весникот речиси веднаш откако тој повторно го насочи вниманието кон неговиот добро документиран однос со Епстин. Тоа се случи со објавувањето на текст во кој се опишува писмо со сексуално сугестивна содржина, за кое весникот тврдеше дека го носи потписот на Трамп и дека било вклучено во албум составен во 2003 година за 50-от роденден на Епстин.

Писмото подоцна беше јавно објавено од Конгресот, кој ги побара тие документи од имотот на Епстин со судска наредба. Трамп негираше дека го напишал, нарекувајќи ја сторијата „лажна, злонамерна и клеветничка“.

Трамп ја разреши Пем Бонди оти бавно ги гонела неговите противници, а и поради Епстин

Адвокатите на весникот и на Мардок побараа од Гејлс да пресуди дека тврдењата во текстот се вистинити и затоа не можат да бидат клеветнички, но судијата напиша дека „дали претседателот Трамп е автор на писмото или бил пријател на Епстин се фактички прашања што не можат да бидат утврдени во оваа фаза од постапката“.

Одлуката претставува уште еден удар за напорите на администрацијата на Трамп да го контролира одекот од објавувањето на документите за Епстин и за обидите на претседателот преку правниот систем да изврши притисок врз известувањето што му е критички настроено.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар. Портпарол на „Дау Џонс“, кој го издава „Волстрит журнал“, изјави дека организацијата е задоволна од одлуката на судијата.

– Стоиме зад веродостојноста, строгоста и точноста на известувањето на „Волстрит џурнал“ – рекол тој.

Трамп спомнат над 1.000 пати: што наведуваат, а што не докажуваат новите досиеја на Епстин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот