Судењето за „Титаник“ продолжува со Стефанова како надлежен обвинител

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

По едномесечната летна судска ферија, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за случајот за изборни нерегуларности „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство.

Последното рочиште за овој предмет на 5 јули беше одложено поради неприсуство на Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите.

Освен Јанакиески, во Титаник обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи и докази за злоупотреба на средства за финансирање на политичка кампања од 2013 година.

Предметот „Титаник” го води специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова, која беше спомната и во снимките за случајот „Рекет”, што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита”. Стефанова е повикана утре во Јавното обвинителство за да даде изјава во врска со случајот „Рекет”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот