Студенти и апсолвенти од Центар можат да стекнат практично искуство работејќи во Општината
Општина Центар објави јавен повик за практикантство, со кој на студентите и апсолвентите им се овозможува да стекнат практично искуство во работата на општинската администрација.
Препорачано
Ова е можност студентите да се запознаат со работата на администрацијата и да го започнат својот кариерен пат. Нашите врати се отворени за младите, за нова енергија и свежи идеи, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Со повикот се опфатени студенти и/или апсолвенти од државни, меѓународни и приватни факултети, жители на Општина Центар. Практикантите за времетраењето на ангажманот ќе добиваат месечен надоместок од 15.000 денари, а ќе работат во различни сектори, во зависност од потребите на општинската администрација.
Заинтересираните кандидати најдоцна до 10-ти мај треба да достават барање за практикантство, доказ дека се студенти или апсолвенти, копија од лична карта, број на трансакциска сметка и кратка биографија.
Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Согласно Законот за практикантство, Општина Центар ќе ангажира најмногу 8 практиканти, а практикантството може да трае најмногу шест месеци и е еднократно право.


