Студен туш за мајките на породилно отсуство: Нема да се продолжи, барањето е беспредметно

Револтирани родители протестираат пред Владата/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Жените вработени во државната администрација и во приватниот сектор кои се породија во текот на изминатата година, ќе мора да се вратат на своите работни места по завршувањето на породилното отсуство и покрај нивното инсистирање, поради пандемијата да останат дома покрај своите новородени деца, мерка што беше применета лани, но заврши во септември со отворањето на детските градинки според одредени протоколи.

Од пред неколку недели воспитувачките и негователките во градинките, по своја волја се вакцинираа против ковид-19 како дел од приритената група од критичната државна инфраструктура.

Околу 1750 потписи се собрани на онлајн петицијата со која од Владата и надлежното Министерство за труд и социјална политика се бара продолжување на платеното породилно отсуство на мајките поради зголемениот број на заразени, меѓу кои има и деца. Мајките изразуваат скептичност за безбедноста на градинките и велат дека „немаат сите услови да ги остават бебињата кај баби и дедовци или да ангажираат дадилки“  – што е скапа варијанта и не може секое семејство да си ја дозволи. 

-Бараме продолжување на платеното породилно отсуство во услови на пандемија поради неможност градинките да ги згрижат сите деца чии мајки треба да се вратат на работа по истекот на истото, како и поради ризик од ширење на инфекцијата помеѓу оние деца кои евентуално би тргнале во градинка, стои во оваа петиција.

Според инцијаторите причините за ова нивно барање се дека градинките работат со намален капацитет заради пандемијата, бројот на заразени и смртни случаи секојдневно расте и го достигнува врвот и поради тоа што новиот сој на коронавирус кој се почесто зафаќа деца кои понатаму се преносители.

Од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика во чија надлежност е детската заштита, за „Слободен печат“ велат дека секојдневно ја следат состојбата со пандемијата предизвикана од ковид – 19, за што преземаат превентивни и заштитни  мерки, кои се во согласност со препораките на Комисија за заразни болести.

-Комисијата за заразни болести како стручно тело за справување со пандемијата од ковид-19 досега  нема дадено препорака за продолжување на породилното отсуство, децидни се од МТСП.

Оттаму појаснуваат дека според одлуката на Влада донесена во септември лани, започнувајќи од 23 септември 2020 година сите вработени се вратија на своите работни места, освен пациенти со хронична болест за кои лекар специјалист ќе издаде потврда за ослободување од работа, врз основа на која овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

-Со самото отворање на градинките на 9. септември 2020 година и можноста децата да бидат згрижени во нив, продолжувањето на породилното отсуство стана беспредметно. Согласно  информациите кои ги добиваме на неделна основа, трендот на новозаразени деца и вработени во градинките  бележи  пад. Тоа говори дека со доследно почитување на протоколите градинките се безбедно место за престој на децата, одговараат од МТСП за „Слободен печат“.

Мајките на породилно отсуство најавија повторно протест пред Владата доколку не им се продолжи платеното породилно отуство. Тие истакнаа дека некои од мајките „имаат притисоци за враќање на работа“, а „недоволно се разбираат и се мешаат поимите вонредни и времени мерки што прави дополнителни притисоци и нервози во и онака напнатата ситуација“, стои во писмото кое се споделува на социјалните мрежи во кое се изразува незадоволство од начинот на сместување на децата во градинките кои според нив се полни и небезбедни за нивните деца.

-Од Министерството за труд и социјална политика беше испратена препорака до Јавните установи за згрижување на деца,  доколку во самата градинка има просторни можности за физичко одвојување  на дополнителен простор за нова група , тоа да биде обезбедено, со цел поголем опфат на деца во градинката. Во Република Северна Македонија згрижувачко воспитната дејност се реализира во вкупно 75 јавни установи за деца со 319 објекти.  Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца  кој што е усвоен од страна на Владата во рамки на детските градинки можат да се згрижат вкупно 21.365 дете. На ден 15.04.2021 година дневното присуство на згрижени деца изнесува 13 816 деца, велат од таму.

И министерката Јагода Шахпаска при посетата на градинката во Драчево во четвртокот нагласи дека во детските градинки ширум земјата има слободни места за згрижување на деца:

-Пред фактите и бројките и боговите молчат. Минатата седмица имавме 34 новозаболени вработени, а бројката во претходните се движеше 58, 56 тогаш можам да кажам дека скоро е преполовен бројот на заболени и само 8 нови позитивни деца. Фактот дека од 21.350 слободни места за сместување на деца по протокол, а 13.400 деца се сместени, говори дека дополнителни 7.500 слободни места во градинките постојат за сместување. Состојбата е стабилна, ширењето на инфекцијата меѓу децата во градинката досега не постоела и бројките одговараат на вкупната епидемиолошка состојба во државата, изјави Шахпаска.

Министерството од друга страна ги зголемува и капацитетите за згрижување на децата од претшколска возраст па во последниве 7 месеци, отворени се 11 детски градинки со вкупен капацитет од 670 деца, а во тек на изградба и до крајот на 2021 година ќе бидат отворени уште 13 детски градинки со дополнителен капацитет од 1.408 деца.

Отворено писмо од мајките чие породилно отсуство завршува и мора да се вратат на работа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот