Стопанствениците бараат нови економски мерки: Не е време да нѐ препуштите сами на себе

Фото: Драган Митрески-Градежни работни

Во ек е енергетската криза, пандемијата зема најмасовни размери, а извесно е и зголемувањето на минималната плата, нагласуваат стопанствениците што сметаат дека се потребни итни мерки од државата.

Во Буџетот за годинава има 90 милиони евра „вишок“ пари наменети за мерки за справување со последиците од енергетската и здравствената криза, информираше министерот за финансии Фатмир Бесими на новогодишниот брифинг со новинарите. Како прв финансиер, тој рече дека може да го каже само износот на парите, додека мерките во текот на годината ги креира Владата. Засега се знае дека од државната каса се субвенционира струјата за домаќинствата и за 15.000 мали фирми што се на регулираниот пазар, а за кои цената ја определува Регулаторната комисија, така што таа сега е пониска од реалната доколку би се признале сите трошоци на енергетските компании поради што од Буџетот се влеваат пари кај нив. Исто е и со парното греење за домаќинствата, но нема мерки за компаниите што се на отворениот пазар, или кои се снабдуваат со гас, кој исто така неколкукратно е со повисока цена во однос на лани.

Стопанствениците, со кои разговараше „Слободен печат“ нагласуваат дека покрај енергетската криза, и понатаму е актуелна здравствената, и тоа во моментов со голем интензитет и со многу болни работници, и дека „не е време владата да ги препушти компаниите сами на себе“. Претседателот на Бизнис-конфедерацијата Миле Бошков, пак, вели дека е извесно и зголемувањето на минималната плата и дека и тој момент треба да се земе предвид.

– Сметам дека се потребни економски мерки, особено во моментов кога имаме најмасовен удар, нанесен од короната, што ги менува и потрошувачките навики и стилот на живеењето и што се одразува врз многу економски дејности. Ако е умна Владата, сега е специфичен и политички момент за да ја покаже својата наклоност кон стопанството за да изградиме еден однос на доверба, но и да создаде база за економски раст и за зачувување на работните места. Веќе е извесно и дека Владата ќе ја зголеми минималната плата и воопшто платите. Тоа не е договорено со работодавачите и ако не се преземат соодветни мерки, ќе имаме само негативни ефекти од тоа зголемување во компаниите – вели Бошков.

И претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров потенцира дека се неопходни мерки што ќе го придружат зголемувањето на минималната плата.

– Владата е одлучна да го спроведе зголемувањето на минималната плата, најверојатно размислува да дава субвенции. Таква мерка веќе имаше кога се зголеми минималната плата за 2.000 денари – потсети Димитров.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ вели дека во неговиот сектор е особено потребно субвенционирањето на гасот.

– Четирите најголеми пекарници што произведуваат леб се приклучени на гас. Има некои што почнаа и инвестиција за да работат на гас, но ја прекинаа, затоа што цената на гасот отиде и трипати повисоко од ланската. На компаниите мора итно да им се помогне. Сега, без одлагања, поради тоа што Владата е нова. Владата се фали дека има собрано големи износи од ДДВ. Тој износ е благодарение на компаниите и мора дел од износот да врати кај нив во овие критични моменти – вели Малишиќ.

Во регионот уште се креираат мерки за справување со кризата, особено во однос на скапите енергенти. Федерација БиХ наложи ценовни ограничувања на струјата за компаниите, Владата на Србија ѝ препорача цена на Електропривреда, а Бугарија воведе субвенции за индустриските потрошувачи. Во Србија има и мерки насочени кон домаќинствата, како што е парична помош за младите и за пензионерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот