Стоматолог Илија Караманов: Во кои случаи пациентот има потреба за изработка на дентален мост

Стоматолог Илија Караманов/Фото: Приватна архива/ Профимедиа

Губењето на поединечни или на група заби придонесува за низа нарушувања на меките и на тврдите ткива во усната празнина, како и до нарушувања во забните низови.

Имено, на местата каде се изгубени еден или повеќе заби, доаѓа до промени во меките ткива како што се јазикот и внатрешниот дел од образите, кои имаат тенденција да го зголемет својот волумен со цел да го пополнат празниот простор. Таквото растење на ткивата се случува многу бавно и е речиси незабележително за да можеме да го регистрираме кога се гледаме на огледало. За промените на меките ткива настанати како резултат на губење на забите, најчесто стануваме свесни во моментот кога ставаме ваштачки изработки за надоместување на изгубените заби.

Освен меките ткива, промени се случуваат и на соседните заби на беззабиот простор. Доаѓа до искривување, односно наведнување на забите и нарушување на нивната надолжна оска по која најрамномерно го примаат и распоредуваат притисокот кој го трпат при џвакање на храната. Освен тоа, настанува и издолжување на забите од спротивната вилица. Доколку недостатокот е во бочните регии, џвакањето на храната станува дефицитарно на засегнатата страна. Недоволно соџваканата храна, од своја страна, може лесно да предизвика проблеми кај останатите органи за варење, почнувајќи од лесни гастрити до далеку посериозни нарушувања. Пациентот, пак, пристапува кон еднострано џвакање на храната, што може да ја наруши функцијата на темпоромандибуларниот зглоб. Доколку изгубените заби се во фронталната регија, лесно се заклучува дека главниот недостаток е од естетска природа. Таквиот естетски недостаток влијае и на самодовербата и на социјалниот и општествен статус на пациентот.

Еден од најчестите начини за надополнување на изгубените заби е изработката на дентални мостови. Како и мостовите во градежништвото, така и денталните мостови се потпираат на краевите на столбови, кои во овој случај претставуваат забите кои го ограничуваат беззабиот простор. Тие заби ги нарекуваме заби – носачи на мост. Тие заби мораат да бидат со добар потпорен апарат, со здрави гигнгиви околу себе и да не бидат расклатени. Истите можат да бидат девитализирани, да имаат големи пломби, но можат да бидат и апсолутно здрави. Во тој случај, пациентите се прашуваат дали вреди да се состружат здрави заби за да се направи мост. Со добра анализа од страна на стоматологот, со темелно објаснување околу предностите, во смисла што сѐ ќе се добие ако се изработи мост, некогаш и стружењето на здрави заби е во прилог на зачувување и подобрување како на денталното здравје, така и на општата здравствена состојба на организмот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот