Стојоски: Резултат кој ми дава голем мотив, заслужено сум шести во Европа!
Нашиот атлетичар Јован Стојоски кој воедно е и член на АК Охрид, најпрвин со резултат 47.02 секунди во полуфиналната рунда го освои третото место и се пласираше во финалето, во борбата за медалите.
Атлетската федерација на Македонија му упатија честитки и му посакуваат успех и во претстојните натпревари за нашата репрезентација.
– Сега кога сè се заврши, можам да кажам дека се чувствувам одлично! Конкуренцијата беше како и секогаш на вакви натпреварувања многу силна. Но, мислам дека имав три добри трки и заслужено сум на шестото место на овој континент. Многу бев блиску до својот личен рекорд кој е 46.92 секунди, мислам дека сум подготвен тоа да го поправам уште малку оваа година – ни изјави Стојоски.
Дефинитивно ретко гледаме македонски атлетичар на вакви големи натпреварувања да се бори за еден од медалите, па го прашавме кои се неговите наредни активности.
– Ме очекуваат големи натпреварувања, до крајот на годината секако е најважно Светското првенство во Доха. Тука се секако и Балканското првенство како и Европскиот куп каде што ќе се обидам да донесам што повеќе бодови на Македонија. Секако дека сум мотивиран уште повеќе и полн со самодоверба. Мислам дека мојот тренер Марина Мишиќ и јас работиме многу добро – додаде Стојоски.