Стојаноска: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог закон за викенди без ДДВ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија” во текот на денешниот ден ќе поднесе предлог закон за викенди без ДДВ до Собранието на Република Македонија.

-Цените на прехранбените производи се зголемени за близу 30% заклучно со септември, а кај поедини производи зголемувањето надминува и 50%. Власта поради високите цени прибира огромни средства од ДДВ и истите ги троши за купување октоподи, бифтеци и златен прибор. Со предлог законот на ВМРО ДПМНЕ секој викенд додека трае прогласената кризна состојба, односно до 30 април, бараме да биде викенд без ДДВ за прехранбени производи. Владата може и мора да се откаже од неколку милиони евра кои значително ќе им помогнат на граѓаните да се прехранат. Во текот на вчерашниот ден слушнавме дека мерките што ги најавија за време на викендот, својот ефект ќе го достигнеле во јануари идната година. Предолго е, нема време за чекање, мора да се делува сега и веднаш. Со нашиот предлог закон намалувањето на прехранбените производи ќе биде за 5% уште од овој викенд, изјави пратеничката Дафина Стојаноска.

Таа информираше дека нивната пратеничка група ќе побара дополнување и во законот за ДДВ со кое ќе се ослободат од данок дрвата за огрев и пелетите.

-Над 300 илјади домаќинства се греат на овој начин, а цените пораснаа речиси двојно. Останува прашањето зошто државното јавно претпријатие Македонски шуми дозволи вакво поскапување? Според предкризни податоци, над 20% е стапката на сиромаштија во Македонија. Со овие стапки на инфлација, кои е прашање кога ќе се намалат, овој процент драстично расте. Се намалува животниот стандард, граѓаните ги рационализираат своите трошења, а Димитар Ковачевски прави стенд ап низ Македонија, рече Стојаноска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот