Старите невалидни пасоши „ќе оживеат“ само за гласање

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Пратениците деновиве со измени на Изборниот законик ќе овозможат старите невалидни пасоши со важечки рок да служат како документ за идентификација за да можат да гласаат приближно 100.000 граѓани што во моментот се со истечени лични карти

Во Собранието повторно ќе се „гаси пожар“ поради хаосот со издавањето на личните документи, овој пат за да се заштити правото на глас на приближно 100.000 граѓани што имаат истечени лични карти, а неистечени пасоши со старото име на државата. Ваквите пасоши од 12 февруари станаа невалидни и за патување во странство и за идентификација во државава, но се очекува со измени на Изборниот законик овие документи да послужат за идентификација само за претстојните претседателски избори на 24 април и за парламентарните избори на 8 мај.

Државната изборна комисија соопшти дека поднеле предлог до Собранието да се направат измени на Изборниот законик и во преодните и завршни одредби да се стави дека неистечените пасоши со старото уставно име на државата можат да се користат за идентификација на гласачите.

– Целта на предлогот е сите граѓани да го остварат правото „еден гласач, еден глас“. Дали ќе се усвои предлогот или не, зависи од Собранието – вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со поддршка

И во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ има позитивно расположение за овој предлог. Но, според наши собраниски извори, пред пратениците нема да се најде само предлогот на ДИК, туку и текстот на кој работеше работната група за измени и дополнувања на Изборниот законик за вметнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а можно е спикерот Јован Митрески уште денес да свика нова седница со единствена точка на дневниот ред за измени на Изборниот законик.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека тие ќе дадат поддршка на предлогот на ДИК. Во врска со другите измени на Изборниот законик, вели дека до пратениците сè уште не е доставен текстот.

– Немаме конкретни нацрт-измени на Изборниот законик. Ние не учествувавме во работната група што ги правеше измените, во кои има и делови со кои не се согласуваме. Во моментот најголем приоритет е да се овозможи правото на глас за сите, односно да се смени Изборниот законик во делот со рокот на пасошите и да се вметнат техничките аспекти од препораките на ОБСЕ – вели Мицевски за „Слободен печат“.

Итноста на измените на ИЗ произлегува од фрапантниот податокот што го соопшти техничкиот министер пред неколку дена дека во моментот дури 100.000 граѓани се со истечени лични карти, а со стари пасоши. Овие граѓани нема да можат да гласаат без валиден документ за идентификација. Тошковски рече дека до оваа бројка дошле по последните проверки на податоците во МВР, но не објасни подетално кои возрасни групи на граѓани спаѓаат во неа – дали само оние што во овој период стануваат полнолетни и треба да ја вадат првата лична карта или и други лица, како и од кои причини толкава бројка на луѓе останале со истечена лична карта. Министерот Тошковски не изнесе податок колкумина граѓани се без двата документа за идентификација, односно со истечени и пасош и лична карта.

Вчера и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ја потврди бројката од 100.000 граѓани без лична карта и најави дека партијата ќе даде поддршка да се овозможи старите пасоши да се искористат за гласање.

– Веројатно новиот министер за внатрешни работи не знае, но работната група што работи на измените на Изборниот законик уште од крајот на минатата година работат на одредба со која ќе се овозможи на секој граѓанин да го искористи своето гласачко право. Јас не ја знам точната бројка, ја имаат во МВР и во ДИК, но, се работи за околу 100.000 граѓани на кои мора да им биде обезбедено да го остварат своето демократско право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори – рече Ковачевски.

Народниот правобранител, Насер Зибери, деновиве апелираше до институциите да ги пронајдат оние 100.000 лица кои ќе се соочат со овој проблем на денот на гласањето и да им дадат приоритет при земањето на нови документи.

Илјадници „недостигаат“ во Избирачкиот список!

Од ДИК за „Слободен печат“ велат дека предложиле да се одобри старите пасоши со Република Македонија да важат како документ за лична идентификација само за овие избори. Возачката дозвола, иако е биометриски документ, не е земена предвид, зашто според законот, лична идентификација се врши единствено со лична карта и пасош.

Деновиве трае увидот на граѓаните во Избирачкиот список, а во списокот недостигаат сите граѓани на кои им се истечени документите за идентификација. Од ДИК велат дека Избирачкиот список го ажурира МВР, а до ДИК е доставен списокот според актуелните податоци до денот на распишувањето на изборите 14 февруари. Оние што немаат нови документи заклучно со 14 февруари не се на Избирачкиот список!

– Додека е отворен Избирачкиот список, граѓаните може да се запишуваат со поднесување на барање во ДИК. Откако ќе се затвори списокот, повеќе не можат да се запишуваат нови избирачи. Опција за овие избирачи што ќе дојдат до нова лична карта по затворањето на списокот е на самиот ден на изборите да се запишат, откако прво ќе поднесат приговор за заштита на избирачкото право во подрачната канцеларија на ДИК. За да го сторат тоа, ќе мора да приложат важечки документ за лична идентификација, а без тоа не може да се запишат – објаснуваат од Комисијата.

Од ДИК не знаат колку лица во овој момент се со истечени документи. Велат дека списокот го ставаат на увид откако ќе ги добијат податоците од МВР, како и податоците за умрените лица од Управата за водење на матичните книги, податоците за лицата во затворите од Управата за извршување на санкциите итн.

– Со тие податоци списокот оди на јавен увод и сега тече периодот кога граѓаните можат да проверат дали се запишани и да ги извршат потребните корекции – велат од ДИК.

Според роковникот за претседателските и парламентарните избори, јавниот увид во Избирачкиот список трае до 18 март, а ќе биде заклучен најдоцна до 2 април.

При отворањето на списокот според ДИК се запишани 1.798.110 гласачи.

На претходните парламентарни избори во 2020 година по затворањето на списокот биле запишани 1.814.263 гласачи, а во 2016 година 1.784.416 гласачи.

Пред една недела пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предложија со законски измени да се продолжи важноста на старите пасоши до крајот на годината за да можат граѓаните да патуваат во странство додека да ги заменат патните исправи, ама мнозинството на СДСМ и ДУИ го одби предлогот со образложение дека така ќе се прекрши Преспанскиот договор. Претходно, пратениците со измени на Законот за безбедност во сообраќајот ја продолжија важноста на старите возачки дозволи до крајот на годината, за кои, исто така беше предвидено дека важат до 12 февруари. За личната карта, пак, немаше никакво усогласување со Преспанскиот договор и овој основен документ важи до истекот на важноста, без разлика дали е со старото или новото уставно име на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот