Станарите во зградите со ниска енергетска ефикасност се „греат“ со повисоки сметки за парно
На прашањето дали станарите кои и понатаму се греат на парно се на некој начин казнети, па во нивните фактури е вкалкулиран и износот на оние што се откажале, од ЕСМ Снабдување тврдат дека во распределбата на променливиот надоместок учествуваат само приклучените потрошувачи кои трошат топлинска енергија.
Износот на сметките за парно греење во изминатиот период, особено по поскапувањето на цената за испорака на топлинска енергија, предизвикуваат низа реакции по социјалните мрежи. Граѓаните се прашуваат како е можно за стан со иста квадратура во различни објекти или на различна локација низ Скопје да се плаќа поинаков износ или како е можно во стан со помала квадратура, сметката за греење да биде повисока од онаа за стан поголем за 10-15 квадрати.
Препорачано
Колку што знам парно се плаќа според квадратура на станот. А во разговорите со пријателите гледам дека не е така. Сите плаќаат различно, без оглед кој колкав стан има. Јас за помала грејна површина, на пример, плаќам повеќе од некој со поголем стан. Не ми се јасни пресметките на ЕСМ – коментира граѓанин на Фејсбук.
Но, пресметката на износот на фактурата што ја добиваат домаќинствата што се греат на парно, не зависи само од квадратурата на станот. Од ЕСМ Снабдување објаснуваат дека потрошувачката на топлинска енергија зависи од карактеристиките и од енергетската ефикасност на објектот што се грее и секако од количината на испорачана топлинска енергија согласно со временски услови и надворешните температури. Во зградите со мала енергетска ефикасност за да се постигне предвидената топлина, се испорачува повеќе топлинска енергија.
На задната страна на фактурите за топлинска енергија кои ги добиваат потрошувачите транспарентно се наведени сите податоци врз основа на кои се пресметува надоместокот на мерно место (место каде е лоцирано мерилото за испорачаната топлинска енергија) и како се врши распределбата на надоместокот како и бројот на станови кои се приклучени и на кои се врши распределба на потрошената топлинска енергија на ниво на објектот – велат од ЕСМ.
Надоместокот за домаќинства се состои од фиксен дел кој зависи од ангажираната моќност во објектот и променлив дел кој зависи од потрошената топлинска енергија на мерното место во објектот.
Распределбата на фиксниот дел од надоместокот на мерно место за категорија на потрошувачи домаќинства во колективни станбени објекти се врши по основ на грејната површина на сите посебни делови – станови. Распределбата на променливиот дел од надоместокот на мерно место, за потрошувачи од категоријата домаќинства во колективни станбени објекти исто така се врши пропорционално на грејните површини – прецизираат од ЕСМ.
Некои од граѓаните се сомневаат дека врз износот на нивните сметки влијае и тоа колку домаќинства во зградата во која живеат се откажале од парно. На прашањето дали станарите кои и понатаму се греат на парно се на некој начин казнети па во нивните фактури е вкалкулиран и износот на оние што не користат повеќе парно, од ЕСМ Снабдување тврдат – во распределбата на променливиот надоместок учествуваат приклучените потрошувачи кои трошат топлинска енергија.
Сопственикот кој не живее или не го користи станот или деловниот простор има обврска да го плаќа фиксниот надоместок за ангажирана топлинска моќност односно да учествува во распределбата на фиксниот дел, освен ако исполнува услови согласно легислативата да биде ослободен од обврската – велат од компанијата.
Граѓаните во текот на целата година можат да ја проверат потрошувачката на парно. На задната страна на фактурите има податок за тоа колку енергија потрошил секој потрошувач поединечно, како и за износот на разликата меѓу авансниот и реалниот надоместокот за топлинска енергија.
Потрошувачите кои го плаќаат надоместокот за топлинска енергија во 12 месечни рати се задолжуваат со авансни фактури во периодот од август до април, врз основа на прогнозирани параметри за тековната грејна сезона, додека разликата на количината на испорачана топлинска енергија до потрошувачите, што е регистрирана на мерилата во топлинските станици, од прогнозираната во авансните фактури, се израмнува во порамнителните фактури што потрошувачите ги добиваат во текот на мај, јуни и јули – објаснуваат од ЕСМ Снабдување.
Минатата грејна сезона поради исклучително топлата зима испораката на топлинска енергија и потрошувачката била многу помала отколку во изминатите години. Поради тоа, граѓаните летото три месеци добиваа фактури со по два или трипати помала сума од онаа што се плаќа во останатите девет месеци.


