Средба Пендаровски-Жбогар: Почетокот на преговорите за членство во ЕУ е неопходен чекор

Почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата, укажа претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Самуел Жбогар, соопшти кабинетот на шефот на државата.

– Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

Двајцата соговорници се согласија дека Република Северна Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните.

Претседателот Пендаровски и евроамбасадорот Жбогар констатираа дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Република Северна Македонија.

На средбата во вилата „Водно” евроамбасадорот Жбогар на претседателот Пендаровски му честиташе за изборот и му посака успешно вршење на одговорната функција. Воедно, му пренесе поздрави и му предаде писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

На средбата беа разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Република Северна Македонија во однос на европските интеграции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот