Средба Бен Валас-Шекеринска во Лондон: Добродојдовте во НАТО!

Фото: МИА

Добродојдовте во НАТО – и порача британскиот министер за одбрана Бен Валас на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата во Лондон.

Средбата , како што соопшти Министерството за одбрана, се реализира во пресрет на Лидерскиот самит на НАТО – Алијансата каде прв пат нашата држава активно учествува на состанок на шефовите на држави и влади на земјите – членки.

– Ги цениме бргу завршениот процес за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО и континуираната британска поддршка на одбранбените реформи. Нашиот фокус ќе биде развојот на способности и капацитети како членка на НАТО – рече министерката Шекеринска и додаде дека во споредба со 2017 буџетот за одбраната е дуплиран, а над 20 отсто од буџетот за 2020 е наменет за опремување и модернизација на Армијата.

Министерката Шекеринска кажа дека преку интензивната советодавна помош од страна на Обединетото Кралство, со повеќе советници во доменот на одбранбените реформи и трансформацијата на Армијата, Северна Македонија успешно го спроведе пристапниот процес во НАТО.

Британскиот министер за одбрана, Валас изрази задоволство од фактот што Северна Македонија е пред последниот чекор до полноправно членство во НАТО. Тој рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и е подготвено да ја даде сета потребна поддршка во развојот на подофицерскиот кадар и во обуката на Лесната пешадиска баталјонска група.

Македонија и Обединетото Кралство се вистински сојузници во Алијансата, пријателски земји кои имаат исклучително развиена и одбранбена соработка, се согласија министрите за одбрана на двете земји.

Интензивната одбранбена соработка помеѓу двете земји опфаќа голем број на полиња, вклучувајќи и школување на припадници на Армијата на најпрестижните воени школи во Велика Британија како Кралскиот колеџ во Лондон, Командно-штабниот колеџ во Шривенам, Универзитетот Кренфилд, Кралската воена академија Сендхрст и колеџот Кранвел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот