Споделување на страста кон благородните фотографски процеси на фестивалот „Зрно“

На работилниците во Цапари учествуваа 30-ина вљубеници во алтернативната фотографија

Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ со второто издание направи голем исчекор во однос на програмските содржини што ги понуди и со продукцијата што беше создадена во работниот дел од фестивалот.

Страста и љубовта кон аналогната фотографија, како и желбата да се сочуваат и одново да се изучат старите техники на правење фотографии, наспроти напливот на дигитални фотографии, се основните мотиви за организирањето на фестивал на алтернативната фотографија.

По минатогодишното иницијално издание на „Зрно“, годинава фестивалот прави сериозен исчекор и во однос на програмскиот дел и во однос на бројот на учесници на фестивалските работилници.

Првиот дел од фестивалот се одржа во Скопје и имаше ревијален карактер со поставување изложби на дела пристигнати на отворениот повик во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ и на двајца специфични автори – Жозеф Мариа Рибас Прус, најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф, и Дамиан Диаконеску, фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на бројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика, во КИЦ – Скопје.

Групна колодиумска фотографија на учесниците на „Зрно“ / Автор: Предраг Узелац

Работниот дел од фестивалот се одржа во соработка со Арт-колонијата „Де Ниро“ во битолското село Цапари од 10 до 16 јули. Како најава на фестивалските активности во битолскиот регион, на 8 јули, во две сали во Офицерскиот дом во Битола беа поставени изложбата на дела пристигнати на отворениот повик, како и избор на триесетина алтернативни фотографии од фотоклубот „Ирис“ од Темишвар.

На работилниците за благородни фотографски процеси на второто издание на „Зрно“, што се одржаа во Цапари, имаше над триесет учесници буквално од цела Европа, како и неколку студенти од кај нас. На работилниците беше опфатен широк спектар на аналогни фототехники.

Во програмата беа застапени работилница за мокар колодиум, под водство на Предраг Узелац од Академијата за уметност во Нови Сад, отсек фотографија; работилница за креативни игри со полароиди под водство на Мартина Павлоска, Милано, Италија; работилница за лумен принтови, под водство на Јелена Белиќ, Скопје; работилница за Морденсаж техника, под водство на Сашо Алушевски, Скопје; работилница за сендвич принтови, под водство на Стефан Стефановски, Нови Сад; работилница за класична аналогна фотографија под водство на Ивана Томановиќ, Академија за уметност, Нови Сад, отсек фотографија; и работилница за цијанотипија, под водство на Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија.

Двајца мајстори на колодиумската фотографија – Алушевски и Узелац

– Со невидена енергија и ентузијазам учесниците работеа, соработуваа, комбинираа техники, твореа, инспирирани од Пелистер, Цапари, откритијата во, за нив, новото културно опкружување. Во текот на сите седум дена, во структурираното и неструктурираното време, фотографијата беше честа тема на разговор. Се разменуваа совети, сознанија, увиди – истакнува Сашо Алушевски, главниот иницијатор на „Зрно“.

Во неформална атмосфера, на 12 јули беше прикажан и документарниот филм „Transhumanta“ на Дамиан Диаконеску, гостин ментор на работилниците. Водени од мотивот да се направат врски меѓу локалната заедница и учесниците на „Зрно“, на 14 јули беше организиран отворен ден, каде сите заинтересирани можеа да ги посетат работилниците и да погледнат како се работи на секоја специфична техника, да се обидат и самите да креираат нешто со помош на упатените учесници или ментори на работилниците. Тој ден гостите се запознаа со Битола, нејзините клучни знаменитости, особено нејзиното фотографско наследство.

Вечерта, во соработка со КИЦ – Битола, во Киното „Манаки“, беше прикажан филмот „Манаки, приказна во слики“ на авторот Роберт Јанкулоски, кој потоа одржа предавање за старата македонска фотографија. На крај, гостинот од Атина, Грција, Тасос Пападопулос, одржа кратка презентација на тоа како се гледало и како се гледа на браќата Манаки во грчкото општество.

Работниот дел од фестивалот „Зрно“ се одржа во Арт-колонијата „Де Ниро“ во битолското село Цапари

Целта на овогодишното издание на „Зрно“ беше да се подигне квалитетот на делата кои ќе настануваат на работилниците и фестивалот да поттикне соработка на европско ниво. Секако, дел од фестивалот беше и уживањето во споделувањето на страста кон благородните фотографски процеси. Програмските активности на „Зрно“ ќе завршат со изложба на фотографии настанати на работилниците во Цапари и со издавање каталог.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 190, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот