Специјална понуда на Групер: Отпуштајте работници на попуст

Фото: Слободен печат

Така стојат работите во Република Аланфордија, каде што Суперхик, оној што својот смртоносно лош здив го користи за да граба од сиромашните за да им дава на богатите, во моментов е прв човек на Министерството за финансии.

На Групер, иновативната интернет-компанија, корисниците имаат можност со купувањето на купони да добијат навистина големи попусти. Па така, ни стана навика со Групер да летуваме, да зимуваме, да го опремуваме купатилото или за мали пари да добиеме квалитетен преглед на простатата. А од пред некој ден, со специјалниот попуст на Групер, мошне поволно може и да се отпуштаат работници.

Така стојат работите во Република Аланфордија, каде Суперхик, оној што својот смртоносно лош здив го користи за да граба од сиромашните за да им дава на богатите, во моментов е прв човек на Министерството за финансии. Затоа, и во време на најголемата криза во која нашата земја се има некогаш најдено, од ресорното министерство донесоа дополнение на владината уредба за справување со економските последици, предизвикани од изолазициските мерки како одговор на пандемијата од коронавирусот. Уредбата што пред извесно време мошне самоуверено на јавноста ѝ ја соопшти премиерот Оливер Спасовски, беше повлечена ставката со која беше утврдено дека секоја компанија која што ќе добие државна парична помош ќе биде обврзана да не отпушти ниту еден вработен додека трае кризата. Впрочем, и самата уредба беше донесена со цел да се спаси економијата и да се зачуваат работните позиции, за да се избегне катастрофата. Но Суперхик ја промени уредбата малку. Им дозволи на компаниите да отпуштаат. Не многу, за помалите компании до десет проценти, за оние поголемите само пет отсто попуст.

Навистина би сакал оваа несреќна изјава на поранешната директорка на Групер, која во меѓувреме стана министерка, да е некако погрешно разбрана. Би бил пресреќен доколку, ете, за ден-два или уште пред мојата колумна да биде објавена, оваа промена во уредбата да биде демантирана, повлечена или заменета со нова, со која нема да биде предвидено отпуштањето на работниците. Во спротивно, десетици илјади луѓе сигурно ќе останат без работа. Сите добро знаеме дека омилениот спорт на нашите газди и менаџери е делењето откази. Луѓе се отпуштаат без особена причина, а сега тоа ќе биде и оправдано, бидејќи „така им рекле од министерство“.

Велам, на нашите газди добро им одеше со отпуштањето и претходно, по што навистина не им беше потребна помош. Секако дека економската криза која допрва ќе ја почувствуваме, на крајот ќе се струполи врз рамениците на работниците, но не разбирам зошто тоа мора да се прави со помош на техничката влада. Со поедноставни зборови, ние вработените во приватниот сектор сме свесни дека ќе „го јадеме“. За нас нема да заседава Уставниот суд, ниту пак некој посебно ќе се загрижи ако работиме за половина плата. Но, секако дека не очекувавме дека нашите откази ќе добијат „ветер во грб“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот