Фото официјална Фејсбук страница на директорот на АНБ Бојан Христовски
Фото официјална Фејсбук страница на директорот на АНБ Бојан Христовски

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ одбележа 45 години постоење

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност на МВР денеска одбележа 45 години постоење. Ова е една од најреномираните и највисокопрофесионални полициски формации во државата задолжена за планирање и извршување најсложени задачи во борба против тероризмот, решавање заложнички ситуации и ситуации со забарикадирани опасни лица, апсење криминалци и криминални групи, решавање ситуации во случај на пружање отпор со огнено оружје, обезбедување загрозени ВИП личности и објекти, давање асистенција во борбата против организираниот криминал, учество во спасувачки мисии во високопланински и други недостапни терени.

Само во текот на 2025 година припадниците на единицата учествувале во 26 акции, обезбедувале повеќе десетици настани и реализирале 13 заеднички вежби со сродни полициски и армиски единици од земјата и странство, меѓу кои и со Зелените беретки од Армијата на Соединетите Американски Држави.

Покрај тоа, тие редовно учествуваат на обуки и натпревари на кои постигнуваат врвни резултати, а во рамки на спасувачките мисии само во изминатата година спасиле пет повредени лица.

Фото Министерство за внатрешни работи на Македонија

-Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ претставува еден од клучните столбови во безбедносната структура на Министерството за внатрешни работи. Оваа високоспецијализирана единица мора во секој момент да биде целосно подготвена – технички, професионално и човечки – за да одговори на најсложените задачи и операции, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски додавајќи дека оваа единица останува меѓу врвните приоритети на МВР при што ќе продолжат инвестициите во подобрување на условите за работа, модерна опрема и континуирана обука на припадниците на единицата. 

Фото официјална Фејсбук страница на директорот на АНБ Бојан Христовски
Фото официјална Фејсбук страница на директорот на АНБ Бојан Христовски

Министерот посочи дека припадниците на „Тигар“ се клучен дел од најсложените оперативни акции на МВР и се на првата линија во борбата против најтешките форми на криминал.

-Успешните операции, богатото искуство и високите стандарди што ги постави ‘Тигар’ се обврска за сите нас тие стандарди не само да ги зачуваме, туку и постојано да ги унапредуваме, рече Тошковски.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски истакна дека стручност, одлучност, храброст и пожртвуваност се вредностите што секојдневно ги живеат припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар”.

Како директор на Агенцијата за национална безбедност, горд сум што Македонија има вакви професионалци – луѓе за кои службата кон татковината е чест, одговорност и мисија. Ми беше чест да присуствувам на одбележувањето на нивната значајна годишница и да бидам меѓу луѓето кои стојат на првата линија во заштитата на безбедноста на нашата држава, напиша Христовски.

Припадниците на „Тигар“ презентираа видеопреглед на активностите на единицата во текот на 2025 година. По тој повод, во рамки на одбележувањето на 45 години од формирањето на единицата, беа доделени плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2025 година. Исто така, плакети им беа врачени на припадници за 15 и 25 години служба во единицата, како и на соработници и пријатели на единицата.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи фото МВР

Во текот на денот делегации на министерот за внатрешни работи, директорот на бирото за јавна безбедност, семејства на загинатите припадници од Оддделот за специјални полициски операции и други делегации положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на САЕ „Тигар“, во чест на хероите кои ги дадоа своите животи извршувајќи ја најсветата дожност – да ја бранат татковината и безбедноста на граѓаните.

Фото МВР

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот