Спасовски: Намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување (ВИДЕО)

Оливер Спасовски
Оливер Спасовски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Борбата со корнавирусот е сè уште во својот врв, поради таа борба различно живееме, различно комуницираме, работиме, се движиме-рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

Премиерот на Владата, Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче одржаа заедничка прес-конференција, на која ги изнесоа најновите одлуки на Владата, како и податоците за новозаразените пациенти со Ковид -19.

Прв на прес-конференцијата говореше премиерот Оливер Спасовски, кој рече дека радикално се променија нашите животи и навики, а несомнено е дека оваа состојба ќе потрае подолго.

-Борбата со корнавирусот е сè уште во својот врв, поради таа борба различно живееме, различно комуницираме, работиме, се движиме. Радикално се променија нашите животи и навики. Несомнено оваа состојба ќе потрае подолго или пократно можеме да влијаме ние како индивидуи. На денешната седница донесовме повеќе уредби и одлуки за олабавување на некои од рестриктивните мерки- рече Спасовски.

Мерките дадоа ефект, рече Спасовски, бројките ни покажауваат дека стратегијата е добра.

-Уште поважно е дека имаме мал број на возрасни лица, кои се најризични, а се најзаштитени токму поради нашите мерки. Во последните три дена, има последователно повеќе оздравени отколку новозаразени. Од овие причини од утре се намалуваат рестрикциите на движењето. Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне.Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот- рече Спасовски.

Се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите, потенцираше Спасовски.

-Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот наутро. Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот. Намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување ниту кон себе ниту кон семејството ниту кон останатите граѓани- рече Спасовски.

Физичката прекривка на устата и носот, со маска, марама, шал, ќе важи од утре за територијата на целата држава, рече Спасовски.

-Маските или марамите треба да се носат при движење на отворен простор, затворен јавен простор и во јавниот сообраќај. Заштитната опрема задолжително се носи во сите затворени јавни места, кадешто има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено, заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да ја одржувате физичката дистанца од 2 метри до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако престојувате во дворот или терасата од вашиот дом, ако возите велосипед, ако спортувате на отворено, или ако се возите во патничко возило со лица со коишто живеете во заедница или домаќинство- рече Спасовски.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот