Спалувањето на дивите депонии, потенцијална опасност од нови пожари

Депонија. / Фото: Слободен печат

Од Град Скопје велат дека интензивно работат на расчистување и спречување на повторно создавање депонии, коишто многу често се палат и го загадуваат воздухот.

На територија на Град Скопје постојат стотици помали или поголеми диви депонии. Контролата од надлежните за да се спречи нивното создавање оди многу тешко, бидејќи несовесни граѓани буквално на десетици локации во секоја општина несоодветно расфрлаат отпад.

Освен на јавните површини во Скопје, недозволено фрлање ѓубре има и во периферните делови на главниот град. На таквите места несовесни граѓани исфрлаат отпад за чиешто отстранување треба дополнително да платат, па очигледно многу полесно е да го товарат и да го исфрлат на одредена површина која секако не е за таа намена, наместо да издвојат средства и да им отстапат на надлежните соодветно да се погрижат за отпадот. Најчесто, станува збор за градежен отпад, но и за секаков друг вид како што се стари врати и прозорци, кабли, дотраена електронска опрема, алишта, но и сува трева и суви гранки.

Ваквата појава многупати во изминатиот период се покажала лоша од неколку причини. Имено, создавањето диви депонии, особено во населените места е исклучително лошо бидејќи покрај загадувањето на околината, тие многу често, случајно или намерно се потпалуваат од страна на несовесни граѓани.

Сликата на депонија која гори, скопјани можат да ја видат во сите периоди од годината иако во летниот период, опасноста за проширување на пожарот е далеку поголема во споредба со потпалувањето на насобраното ѓубре во текот на зимските месеци.

Колку за потсетување, минатата зима речиси секојдневно беа потпалувани диви депонии во Вардариште, Маџари, Горно Лисиче, Топанско Поле, но и на огромен број други локации во Скопје.

Со ваквите зачестени појави на палење на огнови на отворено,  дополнително се влијае врз загадувањето на воздухот во Скопската Котлина, а со тоа и кон зголемување на концентрацијата на канцерогените ПМ10 честички во воздухот но и се загрозуваат материјалните добра и што е најважно, животот и безбедноста на луѓето.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека од година во година, скопјани фрлаат се поголеми количества отпад на недозволени локации како последица на што се јавуваат нови и нови диви депонии.

Во текот на минатата година од подрачјето на Град Скопје и од руралните средини собрани се и транспортирани 158 476 тони комунален отпад. Направени се 25 306 тури. Споредено со 2019 година кога беа собрани 153.763 тони и 24.069 тури, бележиме зголемување на собраниот отпад за 4 713 тони, како и кај турите за 1.237 тури. Од вкупната количина на собран и транспортиран комунален отпад за периодот јануари – декември 2020 година, ЈП „Комунална хигиена“ од подрачјето на Град Скопје, односно урбаниот дел собра и транспортира 142.338 тони со направени 21.904 тури. Остатокот од 16 138 тони комунален отпад е собран и транспортиран од руралните средини, за кои се направени 3.402 тури од екипите на ова јавно комунално претпријатие.

Од Град Скопје пак велат дека, токму во обид да ја намалат можноста за создавање, а потоа и за спалување на диви депонии на територија на Град Скопје, постојано работат на терен за да се расчисти неправилно складираниот отпад од голем број локации. Сепак, акцентот во изминатиот период бил ставен на расчистувањето на поголемите диви депонии.

-Исчистени се повеќедецениски големи диви депонии во Кисела Вода, во Мичурин, во Ново Село, во Визбегово, во Рашче и во дел од Вардариште. На местото на расчистените депонии во Мичурин и во Кисела Вода се уредени нови зелени паркови, со цел поздрава и поубава животна средина за сите граѓани. Уште од самиот почеток една од нашите најстратешки заложби беше чисто Скопје, а континуираното расчистување на дивите депонии и нивното уредување во мали зелени оази е уште еден чекор напред кон поубаво, почисто и поздраво Скопје – објаснуваат од Град Скопје.

Оттаму велат дека нивна цел е да спречат повторно создавање диви депонии и да спречат палење и загадување на амбиенталниот воздух и апелираат отпадот да не се фрла на јавните површини за да се стави крај на создавањето диви депонии во градот и да се зачува животната средина.

Сепак, со години наназад загрижува фактот и појавата со која надлежните многу често се соочуваат, а тоа е сѐ позачестено палење кабли и гуми, со цел одредени поединци да профитираат од бакарот и железото што се добиваат по нивното спалување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот