Седница на Советот за култура

Советот за култура ја разгледа Нацрт-Стратегијата за развој на културата за периодот 2026-2030 година

Советот за култура, предводен од претседателката Ганка Цветанова, на 11 март одржа седница на која беше разгледана Нацрт-Стратегијата за развој на културата за периодот 2026-2030 година.

На седницата членовите на Советот дискутираа за содржината на документот, неговите приоритети и насоките за идниот развој на културниот систем во државата, известија од Министерството за култура и туризам.

Националната стратегија за развој на културата претставува клучен стратешки документ преку кој државата ги утврдува неопходните институционални рамки, административните алатки и мерки, како и приоритетните цели и активности во областа на културата за период од пет години.

Стратегијата идентификува пет приоритетни области преку кои во следниот петгодишен период ќе се спроведуваат реформите во културата: поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите, заштита и одржливо користење на културното наследство, реобликување на моделите на управување во културата со поголема институционална автономија, дигитализација и дигитална трансформација во културата, како и унапредување на културата како ресурс за креативен, социјален и економски развој.

Во изработката на Нацрт-Стратегијата учествуваше работна група формирана од Министерството за култура и туризам, составена од службеници со долгогодишно искуство во институцијата. Документот беше подготвен во консултација со Македонската академија на науките и уметностите, како и со повеќе од 50 претставници од институции, научни установи, граѓанскиот и приватниот сектор, струкови здруженија, автори, уметници и професори од високообразовните институции. Во рамките на подготовката беа направени анализи за периодот 2019-2024 година, а документот беше ревидиран и од експерти на УНЕСКО.

Во следниот период Стратегијата ќе биде ставена на широка јавна консултација. Предвидено е документот да биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописи, со што ќе се овозможи сите заинтересирани страни да достават мислења, предлози и забелешки. Дополнително ќе се организираат јавни дебати, а документот ќе биде доставен на мислење и до државните органи, установите од областа на културата, здруженијата и независниот културен сектор.

Заложба на Министерството за култура и туризам е процесот на изработка и донесување на Националната стратегија за развој на културата да биде инклузивен и транспарентен, преку конструктивен дијалог со сите чинители во културниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот