Софија се извинува, „Преродба“ раѓа нови навреди

Бистата на Никола Вапцаров во Благоевград вандализирана/Фото: ОМО Илинден Пирин

Само што стаса одговор од бугарското МНР на вербалната нота што македонското МНР ја упати за говорот на омраза на европратеникот Ангел Џамбаски, од бугарските политичари стигна повод за нова нота со иста содржина – пратеникот Костадин Костадинов од националистичката партија „Преродба“, од говорницата во бугарското Народно собрание изјави дека Македонија е втора бугарска држава, а тие се должни да го заштитат интересот на Бугарите во Македонија.

Од МНР вчера не се изјаснија дали повторно ќе испратат нота во Софија за изразени територијални претензии, но, од друга страна, реагираа со осуда за декларацијата на Советот на Општина Благоевград, со која се забранува отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ како антибугарска провокација.

„МНР ги осудува непримерните квалификации во содржината на декларацијата што се однесуваат на македонскиот народ. Очигледно е дека ваквата декларација е во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и на духот на Договорот за добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување,“ пишува во реакцијата на МНР.

Во оваа насока, додаваат од МНР, ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности што создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка.

Во Декларацијата на Благоевград се користи говор на омраза дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната. Се наведува дека создавањето на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во нивната национална држава е грубо кршење на Уставот на Бугарија. Локалните власти во документот наведоа и дека „со ваквите провокативни дејства, Договорот за добрососедство е грубо прекршен, сите напори за подобрување на нашите досегашни односи се погазени и нејзиниот пат кон европската интеграција и членство во ЕУ е попречен.

И додека локалната власт на Благоевград отвора „нови фронтови“ наместо да гради мостови, бугарското МНР вчера во одговор на нотата на македонското МНР за изјавите на Џамбаски  објасни дека изјавите што ја навредуваат или ја провоцираат другата страна се „апсолутно неприфатливи“, но и дека им штетат на Бугарите во Македонија.

„Бугарија секогаш се стремела кон зајакнување и продлабочување на пријателството и добрососедството во односите со Северна Македонија. Бугарската држава инвестира многу напори за реализирање на таа цел во последните години“, одговори бугарското МНР.

Во таа насока, се додава, навредливите и провоцирачките изјави не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, а обидите да бидат претставени како такви се некоректни и знак на недобронамерност.

„Независно од мноштвото провокации против Бугарија и особено против Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, го сметаме таквиот говор за неприфатлив и исклучително контрапродуктивен. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го оттргнуваат општественото внимание од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство“, се наведува во соопштението.

Бугарското МНР ги повика политичарите од двете држави „да ги насочат своите напори за враќање на довербата и зајакнување на добрососедските односи“.

Стојков: Ги поканивме двајцата премиери на отворањето на клубот

Претседателот на ОМО „Илинден Пирин, Стојко Стојков вели дека на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ги поканиле македонскиот премиер Димитар Ковачевски, неговиот бугарски колега, како и претставниците на повеќе амбасади. Според него, не може да се забрануваат културни манифестации што имаат имиња на културни дејци.

– Тоа е недемократски гест. Полошо е кога мотивацијата е негирање на правото на самоопределба на македонското малцинство со говор на омраза против македонската нација. Не очекувам дека клубот ќе се затвори. Веќе се упатени покани до двата премиера за отворањето на клубот. Се надевам дека некој ќе дојде – изјави Стојков.

Од МНР вчера не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали нивните претставници ќе одат на отворањето на клубот во Благоевград на 30 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот