Со здравје да се видиме на изборите во јули

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Од целата партиска врева што ја слушаме деновиве, можам, произволно, да заклучам дека предизборната кампања се одвива во силен ек за изборите кои ќе се одржат на почетокот на овој јули. Го велам ова бидејќи, после неколку децении следење и анализирање на интензивни и по различни поводи лидерски и партиски глумажи, пазарења и препелчења, мислам дека власта и опозицијата се сосема блиску до договор за вакви рани јулски избори. Веројатно има уште некои детали што компромисно се „пеглаат“ – додуша, знаеме дека Ѓаволот е чучнат во нив и ја чека својата подмолна шанса – но, впечаток е дека разумот ќе ги надвладее стравовите, некои оправдани, други политички калкулантски.

Тој консензус, по нашиот стар обичај, се гради мачно, откако на целата јавност прописно ѝ се извадија ѕрцките. Мораше да се направат сите аргументации, компарации, елаборации, рационализации и провокации, по што неколку работи се прилично расчистени.

На пример, на сите им е јасно дека овие јулски избори ќе бидат најнеобичните и најкомпликуваните за спроведување, со оглед на тоа што ќе треба внимателно да се спроведуваат епидемиолошки правила на кои ќе бидат подложени не само гласачите, туку и илјадниците службени, партиски, граѓански и меѓународни лица кои ќе ги спроведуваат или следат изборите. За пенкалцата расчистивме, маски од дома ќе си носиме, малку ќе „танцуваме“ околу линиите на подот кои ќе обезбедуваат потребна физичка дистанца, а спрејот за обележување на оние кои гласале би можел и на лактот да се прсне, за да не се гласа по два пати. Заразата до јули нема да нè напушти, како и во неколку десетици други земји кои одат на избори ова лето, што може да биде фактор некои луѓе да нема да сакаат да се изложат на никаков здравствен ризик за да излезат на гласање.

Таква е демократијата во време на корона. Ќе мора и таа да се прилагоди, за да не се самоукине. Сè друго, на среден рок, е многу понеизвесно, со силна веројатност да излезе многу полошо.

Се расчистија и правните недоумици, бидејќи ако изборите не се одржат во макар и најоптегнатите правни рокови на веќе распишаните, па прекинати изборни активности, еден обичен поднесок до Уставниот суд ќе може да ги доведе во прашање резултатите на одложените избори. Новиот собраниски состав, пак, ќе мора ургентно да се позанимава со прилагодување на уставните одредби (пред сè со онаа епохална непредвидена глупост еднаш распуштениот, здрав и жив, легален собраниски состав да не може, во вонредна здравствена ситуација, макар и виртуелно, повторно вонредно да се состане!) и изборното законодавство, за да можеме правно да се подготвиме за следната епидемиска изборна ситуација. Како што велат, нели, тоа ќе биде новата нормала.

А што се однесува до проблемот за тоа како ќе се одвиваат изборните кампањи заради ограничените можности за контакт и за поголеми собирања на поддржувачите на различните партиски опции – демек, гласачиве ќе останат неинформирани за тоа кој што нуди и сл., иако уште сега не можеме да ги „симнеме“ од сите видови на домашни и мобилни екрани – немам впечаток дека тоа ќе биде некоја голема, решавачка штета за изборниот (не)успех на партиите. Ако ништо друго, сигурно ќе се намалат шансите за помасовни поткупи на гласачите, иако пушачите ќе останат без брендирани запалки, кафеџиите без локумот, митингашите без сендвичите, без партиските маички и капчињата… Ако ништо друго, партиите ќе ги намалат трошоците, бидејќи некои и така се жалат дека се банкротирани.

Останува уште едно деликатно прашање на кое, до некаде со право, предупредува опозицијата: што ако некој од кандидатите се зарази среде кампања и „заглави“ во карантин? … Па, низ таа реална и сериозна непријатност и низ тој ризик на професијата поминуваат и многу други нивни колеги низ светот, од премиери и претседатели, надолу, до возачи на автобуси, новинари или медицински персонал. Ниту во јули, ниту во септември или во декември ќе нема паметен одговор и гаранција за решавање на тој потенцијален проблем.

„Со здравје да се видиме на избори во јули!“ – никогаш не звучело поискрено и политички покоректно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот