Со пенкало на Онкологија била допишувана количината и периодот на издадена терапија во специјалистичките извештаи

Венко Филипче на анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Роднини на пациенти со рак од Клиниката за онкологија подигнувале биолошка терапија за пациентот да ја прими дома, а Клиниката за ова на Фондот за здравство му испраќала фактури ,,за извршен преглед и услуга од медицински тим”, иако пациентот бил дома и никаков преглед не бил извршен. Ваква неправилност констатирал Фондот за здравствено осигурување во една од своите контроли, откри директорот на секторот ,,контрола” во Фондот за здравство, Цвете Серафимоски на денешната Анкетна комисија за утврдување политичка одговорност за скандалот Онкологија која се одвива во Собранието.

Станувало збор за терапија која може да се прими поткожно во домашни услови и затоа роднини на пациентите ја подигнувале од болницата. Но, за неа Клиниката до Фондот испраќала фактури и за извршен медицински преглед иако пациентот физички бил дома и не би можело да биде прегледан.

Серафимоски пред пратениците рече дека констатирани биле неправилности со несоодветна евиденција за издавање лекови во таблетарна форма. Тој додаде дека во специјалистичките извештаи не биле евидентирани количината и периодот на давање на издадената терапија (апликацијата на терапијата) туку биле допишувани со пенкало, немало евиденција на издадени па вратени лекови во случај на промена на терапијата или смрт на пациентот.

Имало рачно допишани дози на издадена терапија без евиденција на датумот и количината на издадена терапија во специјалистички извештаи. Пропустот бил во тоа што се допишувало на рака со пенкало колкава количина била дадена.

Претходно дел од пратениците и посочија на директорката на Фондот Магдалена Филиповска Грашковска, дека во Законот пишува дека еден од директорите на Фондот треба да биде економист, а ниту таа ниту другиот директор на Фондот не се економисти, со што, владата го прекршила законот при нивното назначување.

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот