Фотографија: Профимедиа

Со 10.000 евра може да бидете фризер, шивач или чевлар, ако не успеете, ќе враќате пари 

Државата очекува бизнисите што ќе ги поддржи да бидат успешни, а сопствениците и вработените да бидат трајно вработени, но ако корисникот на мерката од Оперативниот план за вработување во рок од две години го затвори бизнисот, ќе треба да врати 60 или 80 отсто од парите

Сумите од 7.000 или 10.000 илјади евра што државата ги дели за започнување сопствен бизнис не се доволни за формирање некоја сериозна компанија, но за фризер, козметичар, шивач или чевлар може да послужат, велат долгогодишни занаетчии. Со овие пари може да се опреми фризерски салон со најосновните средства, како на пример ножички, фенови, проточни бојлери и понекој стол за муштериите, да се набават половни машини за шиење, пегли и мебел доколку сакате да вршите шивачки поправки, но и добар дел од најпотребниот алат за поправка на чевли, ташни и друга кожна галантерија. Но, за современо козметичко студио средствата се недоволни, бидејќи современите трендови бараат специфична низа на апарати за нега на кожата, но и за мини интервенции, па затоа во последно време, сè повеќе никнуваат студија за маникир, односно за разни видови вештачки нокти, за кои не е потребна толку скапа опрема.

Овие мерки важат и за лица што сакаат да го формализираат својот бизнис, а се пријавуваат како невработени. Државата очекува овие бизниси успешно да работат, а сопствениците и вработените да добијат статус на вработени на неопределено време, но ако корисникот на мерката во рок од две години го затвори бизнисот, ќе треба да врати 60 или 80 отсто од поддршката.

Со овие пари нема да се финансираат бизниси со земјоделска дејност, такси-превоз, производство на оружје или игри на среќа, како и приватни агенции за вработување. Инаку, дури 98 отсто од македонската економија ја сочинуваат мали и средни претпријатија. Според Статистичкиот годишник 2025, на крајот на 2023 година во земјава имало 72.181 активни претпријатија, од кои дури 60.161 имале од 1 до 9 вработени.

Последниве години сè повеќе претприемачи решаваат да започнат свој бизнис и да си бидат сами свои газди. Во земјава најкористен облик на трговско друштво е Друштвото со ограничена одговорност, бидејќи еден од неговите главни белези е ограничената одговорност на неговите основачи.

– Ова во практика значи дека основачите на ДОО не одговараат за евентуалните обврски на друштвото (читај долгови) со својот личен имот. Оние што сакаат да регистрираат своја фирма што е еден од начините да се премине од сивата во белата зона на работа, можат тоа да го сторат сами или преку овластен агент. Тие мораат да имаат адреса на фирмата, но за нејзиното запишување не е потребен Договор за закуп или имотен лист. Според Законот за трговски друштва, минималниот износ на основната главнина изнесува 5.000 евра, но влогот може да биде во пари или во машини, ствари, недвижнина, кои се внесуваат преку процена од овластен проценител. Она што ги прави ДОО најпривлечни кај новопечените бизнисмени е фактот што уплатата на влоговите од основачите на друштвото може да биде во рок од една година од датумот на регистрацијата на фирмата. Ова значи дека фирма во Македонија може да се регистрира за „0“ денари на почетокот. Но, доколку основачите вложат пари, тие потоа може да се користат за сервисирање на најразличните обврски што ги има друштвото, или на пример за исплата на плати. Оние што се на стартот на својот бизнис, најчесто ја пријавуваат минималната плата – објаснуваат правни експерти за „Слободен печат“.

Од Министерството за економија и труд се многу горди што за мерката за самовработување, која е дел од Оперативниот план за вработување, за оваа година пристигнале 6.045 апликации, а од нив 3.296 биле од млади до 29 години. Министерот Бесар Дурмиши, кој ја сврте земјава и во повеќе градови вршеше презентација на сè она што им следува на оние што ќе аплицираат, посочи дека 7.000 евра се за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. Дурмиши во повеќе наврати повтори дека ова не биле празни бројки, туку нови бизниси, односно занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, за разни услужни дејности, за производствени мали фирми, кои би ја зајакнале македонската економија.

Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година, кој тежи над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени 16.507 лица. Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот, при што се прераспределија дополнителни 300 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот