Снимки од безбедносни камери можат да бидат доказ против крадец

За разлика од порано, кога само поголеми стопански субјекти или банки користеа ваква превентива, поставувањето камери пред куќите заради заштита од крадци е сѐ почесто. Со тоа расте можноста и од злоупотреба на видеонадзор на снимените материјали.

Експерти велат дека од законски аспект, нема никаков проблем тоа што се поставуваат камери во приватни објекти, дури и при евентуална кражба, доколку постои снимен материјал, може да се употреби како доказен материјал на суд против крадецот.

– Според законот, на секој објект кој е под видеонадзор, мора да биде поставено известување на видливо место и истакнато на начин што им овозможува на сите субјекти на лични податоци да знаат за видеонадзорот. На известувањето, исто така, мора да стои идентитетот на одговорното лице кое го врши надзорот и начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видеонадзор – велат од МВР.

Камерата мора да се постави под агол во чиј видокруг ќе биде опфатено само она подрачје поради кое се поставува камерата. На пример, ако камерата е поставена во зграда, не треба да се гледа што се случува во становите од зградата. Контролорот може да врши видеонадзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен.

Кога станува збор за деловни објекти, секогаш кога се поставува видеонадзорот, треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и другите субјекти. На пример, продавачот не смее да ги користи фотографиите за маркетиншки цели или за некоја друга незаконита цел. Снимките не смеат да се даваат на користење на други освен ако е тоа потребно во евентуална доказна постапка. Продавачот не смее да ги дава на користење или да ги продава фотографиите на друго лице.

– Вработениот треба да биде информиран доколку е под видеонадзор. Работодавецот треба да ја почитува приватноста на сите вработени додека се на работното место, односно да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта заради која се поставува видеонадзорот – нагласуваат од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот