СЛОБОДЕН ПЕЧАТ НА ГАЛИЧКА СВАДБА: Ечат тапани во Галичник! Марина и Огнен го кажаа судбоносното „Да“ (ГАЛЕРИЈА)

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Со екот на тапаните, денес во село Галичник продолжи 46-тата Галичка свадба или Петровденската Галичка свадба — манифестацијата која се одржува секоја година на православниот празник Петровден. Во духот и традицијата на мијачките обичаи својата љубов ја крунисаа Марина Петровска и Огнен Караѓозоски.

Свадбата е богата со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните „од Галичник до Река“, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод.

Вчера покрај китењето на бајракот, свадбарите ги пречекаа зурлите и тапаните, пред чешмата „Упија“ се играше „Свекрвиното“ кое го водеше свекрвата со сито на главата и бокал во раце. Потоа следеше изведбата на „Невестинското“ и „Тешкото“ кои се симболот на пркосот и непокорото. Од куќата на зетот тргна поворка на свадбари со борини и факели до куќата на невестата, каде потоа заедно со неа се оди на три чешми за наполни вода.

Рано изутруинава од куќата на зетот, група од неговите најблиски роднини заминаа на гробишта каде што ги канат мртвите на гробишта.

По враќањето од гробишта, зетот, стариот побратим, побратимите и најблиските заминаа до куќата на кумот (куќата на Писевци) од кого зетот побара благослов.

Највпечатлив обичај е бричењето на зетот пред „Упија“ што означува негова трансформација од момче во маж. Потоа следеше потстрижување, а во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.

– Среќен сум што им го исполнив аманетот на татко Крсте, дедо ми Стево, воедно и моите желби, син ми Огнен и снаата Марина, што одлучија свадбата да ја направат во Галичник по сите адети, со задоволсто говореше свекорот Митре.

По овие обичаи следува одењето до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална галичка носија, го дочекa младoженецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговари, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Качена на коњ невестата замина во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочека невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба“. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

Посетителите може да проследат над 30 обичаи кои што се изведуваа за време на свадбарските денови. На манифестацијата учество земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД „Фолклорни бисери“ од Скопје со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Во пресрет на 46-тата Галичка свадба на платото пред чешмата Упија во Галичник завчера се одржа концерт на Џијан Емин, Македонската Филхармонија и Здружението на џез музичари на Македонија, како и групата „Бенд офф“, со што почна и Галичкото културно лето.

[foogallery id=”52038″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот