Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ открива магични зборови што будат надеж

Aвторот Владимир Лукаш ја промовираше својата нова сликовница „Ши, ѕифри, копчи“. Делото, кое е со илустрации на Наталија Лукомска, е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“.

Промоторка на книгата беше уредничката Оливера Ќорвезироска, која истакна дека „Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот, од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели Ши (наместо добро утро), напладне Ѕифри (наместо добар ден) и навечер Копчи (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода.

На суптилен, забавен и игрив начин, со раскошни илустрации, Лукаш и Лукомска пренесуваат едукативна порака за младите читатели. „Ши, ѕифри, копчи“ поучува дека е убаво да се вели Добро утро, Добар ден и Добро вечер, тоа се магични зборови што секогаш будат надеж и изнудуваат насмевка на лицата на луѓето.

Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија.

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во сите сфери на уметноста, а светот без луѓе како него би бил многу сиромашно место за живеење.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот