Скопје поевтинo за живеење од Белград, Будва и Тирана, поскапo од Тузла, Ниш и Приштина

Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Потребно е секој жител да посади дури 32 нови дрва за да се обезбеди доволно кислород кој ќе го покрие загадувањето во Скопје, информира сајтот Нумбео. Скопје е за 63,3 проценти поевтино од Њујорк (без кирија), а киријата во Скопје е во просек за 92,2 проценти пониска отколку во Њујорк

Скопје е на 425 место од вкупно 551 градови во светот според трошоците за живот, а меѓу 240 европски градови, главниот град на Македонија е на 223 место, објави сајтот Нумбео, сумирајќи кои се најскапите и најевтините места за живеење. Поевтини за живот од Скопје се Тузла на 227, Ниш на 232 и Приштина на 234 место.

При рангирањето на градовите, предвид се земени цените во рестораните и супермаркетите, јавниот превоз, комуналните услуги, здравствената заштита, киријата и слично. Утврдено е дека во Западен Балкан најскап град за живеење е главниот град на Србија, Белград (186 место во Европа), а веднаш по него е Будва (188 место во Европа). Зад Белград е Тирана (194 место во Европа), главниот град на Албанија.

Главниот град на Босна и Херцеговина е на 206. место во Европа и е поскап за живеење од Подгорица, Нови Сад, Скопје, Бања Лука… Во Хрватска најскапо е да се живее во Задар (141 место во Европа), потоа Дубровник и Загреб кој е на 150 место според трошоците за живот во градовите во Европа.

На врвот на листата на најскапи градови во Европа за 2023 година е Базел, а потоа следат Цирих, Лозана, Цуг и Берн, сите во Швајцарија. Другите градови во првите десет најскапи се наоѓаат во Норвешка: Осло, Ставангер, Берген, Трондхајм и Тромсо. Близу до дното на листата се градовите во Украина зафатена од војна, а Харков е на последното место.

Според Нумбео, проценетите месечни трошоци за четиричлено семејство се 104.700,7 денари без кирија, а според истата шема, проценетите месечни трошоци за едно лице се 30.455,1 денари. Скопје е за 63,3 проценти поевтино од Њујорк (без кирија, а киријата во Скопје е во просек за 92,2 проценти пониска отколку во Њујорк.

Еден од најгорливите проблеми за Скопјани е загадувањето и според анкетираните дури 83,1 проценти се изјасниле дека тоа е многу високо. Тоа и не е чудно ако се знае дека дури 45 отсто од граѓаните на главниот град на државава како единствено транспортно средство ги користат автомобилите. Проценката на Нумбео е дека патувајќи до работа или до школо, граѓаните годишно продуцираат дури 678,9 килограми ЦО2.

-Потребно е секој жител да посади дури 32 нови дрва за да се обезбеди доволно кислород кој ќе го покрие загадувањето во Скопје – информира сајтот.

Што се однесува до здравствениот систем, тој е со индекс од 54,8 проценти, но интересно е дека во оценката за безбедноста и криминалот во Скопје, граѓаните како најголем го истакнале проблемот со митото и корупцијата со дури 86,5 проценти во однос на сите други криминални активности, како што се кражбите на автомобили, провалите по куќи, психолошките напади, вооружените кражби и вандализмот.

-Во Скопје е безбедно да се движите преку ден и за тоа има дури 77,1 отсто позитивни коментари, а нешто помалку безбедни се чувствуваат граѓаните кога се движат ноќно време (52, 3 отсто од анкетираните се изјасниле позитивно) – стои во истражувањето на Нумбео.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот