Скопје може и без приватни превозници, вели градоначалничката откако никој не се јави на повикот

Фото: Фејсбук/Данела Арсовска

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска на прашањето дали има пријавени на јавниот повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници, рече дека не се пријавил никој.

Градот го распиша јавниот повик откако го раскина договорот со здруженијата на приватни превозници, кои го блокираа центарот на Скопје барајќи Градот и ЈСП да им го исплатат долгот од 1,5 милиони евра.

– Доколку не се пријавиле, тоа кажува многу што се однесува до овој повик. Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, нешто кое што е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година и со самото тоа што беа повикани да се јават на огласот како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа ако сакаат чесно, а никој не се пријавил тоа кажува многу, рече денеска Арсовска.

На прашањето околу неисплаќањето на долгот кон приватните превозници како можна причина за непријавувањето на повикот, таа рече дека Град Скопје нема никаков долг.

– Град Скопје издава дозвола за вршење на јавен превоз, овие лица го прекршија тој договор. Доколку сакале да работат чесно имале можност да се пријават. Тоа што не се пријавиле кажува сѐ, додаде таа.

Рокот за пријавување на Јавниот повик за приватни автобуски превозници, кој беше отворен минатиот месец од страна на Град Скопје, истече пред два дена. Приватните превозници во многу изјави за време на протестите нагласуваа дека никој од нив нема да се пријави на овој јавен повик и бараат решение за нивната состојба и да им биде исплатен долгот, кој според приватните превозници, изнесува преку 90 милиони денари кон двете компании, односно „Макекспрес превоз” и „Слобода превоз”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот