Скопје како ниеден друг град: Туристи се сликаат покрај исклучени фонтани, надлежните тврдат морале да ги исчистат

Фото: Слободен печат

Скопје веројатно е единствениот град во светот каде среде лето не работат фонтаните во најстрогиот центар на градот. Веќе подолг период не прска ни „Воинот на коњ“, ниту четирите фонтани на плоштадот „Карпошово востание“ од другата страна на Камени мост, ниту фонтаните сместени во Вардар.

Тажно е и срамно да се види како туристите, кои мора да се спомене дека ги има во голем број низ градот, се фотографираат покрај исклучените фонтани. Настрана што фонтаната на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ не служи само за украс, настрана дека за неа се потрошени неколку милиони евра, туку таа има функција и малку да го освежи плоштадот, на кој, по неколкуте преправки и дотерувања, сега нема ниту едно дрво. Тоа значи дека граѓаните кои минуваат низ плоштадот во овие жешки скопски денови треба да се подготвени дека тука температурата е сигурно 10 степени повисока отколку во околината, каде може да се најде и по некоја сенка.

Зошто не ги пуштаат фонтаниве годинава? За што ги направија, за што потрошија толку пари? Сега што, штедат вода? Не се поминува низ плоштадот, „дамла“ да го удри човек! Вакво нешто не сум видела, навистина. Срамота! – коментира повозрасна скопјанка.

Фото: Слободен печат

Непријатно се изненадени и гостите во главниот град.

На пат кон Грција решивме два дена да се задржиме во Скопје, да прошетаме малку. Меѓу другото што ни беше во план да го посетиме, сакавме да ја видиме фонтаната на плоштадот, затоа што слушнавме дека кога прска се менуваат бои, дека свири музика и во зависност од ритамот се засилува или намалува прскањето. За жал, тоа не го видовме затоа што фонтаната не е пуштена – вели турист од Србија кој го затекнавме како ги фотографира своите две деца покрај еден од лавовите од празната фонтана.

Фонтаните накратко беа пуштени некаде во мај, а потоа исклучени без никакво образложение на надлежните, поточно на ЈП „Водовод и канализација“, претпријатие кое е задолжено за нивното одржување. На нашето прашање зошто се исклучени, сега оттаму даваат необичен одговор.

Фонтаните „Воин на коњ“, „ВМРО“ и „Филип“ се исклучени во моментов, поради сезонско дополнително чистење, како резултат на дождовите проследени со ветар кои беа честа појава во изминатиот период и ќе бидат пуштени во употреба по завршувањето на оваа постапка и на другите подготвителни активности – кратко одговараат од „Водовод и канализација“.

Попрецизен одговор нема. Оттаму не кажуваат ниту кога повторно ќе ги пуштат во употреба, ниту зошто е потребно чистење на фонтаните и како ним им попречиле дождот и ветрот, а во близина нема дрвја чии листови би можеле да ги затнат и да ја оневозможат нивната работа.

Нема ни екипи кои ги чистат фонтаните, а и кога тоа се случувало траело најмногу два дена. Така, останува сомневањето дека сепак не е само чистењето причина што фонтаните не работат, туку дека можеби проблем е потрошувачката на вода и струја. Неодамна на пример, од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека донеле одлука за поставување водомери на јавните чешмички кои се во надлежност на општините, па по поставувањето на водомерите ќе треба да си ги преземат општините, поточно тие да си плаќаат за потрошената вода.

Фото: Слободен печат

Колку за потсетување, за изградба на фонтаната „Воин на коњ“ се потрошија повеќе од 8 милиони евра, а за четирите на плоштадот Карпошово востание над 6 милиони евра. Веќе подолго време не работи ниту подната фонтана на плоштад „Македонија“, откако неколкупати во неа пропаѓаа возила. Сега таа е е заградена со бетонски жардиниери и очигледно никој не размислува повторно да ја врати во функција. За нејзината изградба беа потрошени 2,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот