Скопјани се шегуваат: Работниците направиле очен преглед, го исправаат кривиот дрворед на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов

Фото: Драган Митрески

Работниците од фирмата „Бауер“, која ја изведува реконструкцијата на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов, денеска се обидуваат да ја исправат работата што ја згрешиле. Откако „Слободен печат“ минатата недела објави дека по шест месеци реконструкција, граѓаните добија асфалтирани тротоари и криво поставени рабници околу дрвјата, тие со сите сили се обидуваат да го исправат дрворедот.

Скопјани веќе се шегуваат по социјалните мрежи дека работниците во меѓувреме направиле очен преглед, но за жал работата не е за шега, особено што во последнава година се случуваат повеќе грешки при реконструкција на улиците низ Скопје од различни градежни фирми.

Фото: Драган Митрески

Реконструкцијата на булеварот инаку трае веќе половина година, со што се надмина рокот од пет месеци што го најави градоначалничката Данела Арсовска кога започнаа градежните работи, а викендов беше и по неколку часови сосема затворен за сообраќај.  На оваа сообраќајница за првпат се поставуваше атмосферска канализација, се заменуваше старата и дотраена водоводна мрежа, што се зафати за чија изведба е потребно повеќе време. Со реконструкцијата како што беше ветено треба да се изведат и нови пешачки и велосипедски патеки, како и дополнителни велосипедски ленти на коловоз.

Толку време трае и сообраќајниот хаос во центарот на градот поради градежните зафати. Метежот се зголеми уште повеќе откако започна и реконструкцијата на улицата Ленинова, која се реновира на потегот од вкрстувањето со овој булевар до Партизанска.

 

По шест месеци реконструкција на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, граѓаните добија асфалтирани тротоари и криво поставени рабници околу дрвјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот