Фото: Креирана илустрација

Скопјанец ќе одговара за грабежи на продавници за брзи кредити

Скопјанец е осомничен за грабежи на продавници за брзи кредити во Градскиот трговски центар и во Старата скопска чаршија.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за две одвоени кривични дела – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот 25-годишен скопјанец, на 15 август годинава извршил разбојништво во просториите на правно лице за брзи кредити во ГТЦ, од каде со закана со огнено оружје – пиштол кон вработената одзел пари во вкупен износ од 60.500 денари. Тој влегол во објектот и седнал на едно од столчињата за странки, а кога оштетената го прашала колку пари сака, осомничениот извадил пиштол и ѝ рекол да ја отвори касата. Вработената, исплашена за сопствениот живот, од фиоката ја извадила касата, ја ставила на бирото и ја отворила, па осомничениот ги зел сите пари кои биле внатре и избегал,“ соопшти ОЈО.

Три дена подоцна, од објект на истата фирма во Старата скопска чаршија, осомничениот на сличен начин, заканувајќи се со пиштол, го натерал вработениот да го отвори сефот и одзел 25.000 денари. Ја напуштил продавницата, упатувајќи се во правец на плоштадот „Македонија“. Патем го фрлил пиштолот од Камениот мост во Вардар, по што избегал во непознат правец.

По настанот, осомничениот извесен период бил недостапен за полицијата бидејќи избегал во Хрватска.

Со оглед на тоа, јавниот обвинител оцени дека се уште постои висок ризик тој повторно и сега да се обиде да избега за да го избегне кривичниот прогон, но и веројатност да го повторува делото, па од судијата на претходна постапка обвинителството побара да му биде определена мерка притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот