Скандал со злоставување: Ја губи ли Орбан контролата?

Виктор Орбан/ Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Виктор Орбан не може да го стави под контрола скандалот со помилување на човек кој помогнал за заташкување на случај со злоставување деца. Но гневната јавност се чини не може генерално да го загрози системот на премиерот.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан секоја година на точно утврдени датуми одржува програмски говори кои неговите поддржувачи ги очекуваат со нетрпение. Еден од овие говори е предвиден за февруари. Тогаш се прави преглед на претходната година и се започнува новата политичка сезона. Орбан во оваа прилика обично триумфално зборува за минатите успеси и борбено најавува нови офанзиви.

Оваа година тоа е сосема поинаку. Говорот на Орбан, кој се очекуваше со денови, беше засенет од таканаречената афера со злоставување: претседателката Каталин Новак поднесе оставка на 10.02.2024 година поради помилувањето на човек кој помогнал да се прикрие злоставување на деца.

Поради оставката, Орбан минатата сабота (17.02.2024) својот биланс го започна со реченицата: „2024 година не можеше да започне полошо“. Сличен беше и говорот на премиерот – делуваше уморно, неинспирирано и неструктурирано. Тоа беше еден од најслабите говори што ги одржал Виктор Орбан откако ја презеде функцијата во 2010 година. Не само израз на фактот дека скандалот со злоставување значително го погоди унгарскиот премиер во последните недели, туку и знак на општата стагнација во системот на Орбан.
Во сенка на скандалот со злоставување

Поради скандалот со злоставување и големиот јавен гнев поради него, оставке поднесе не само Каталин Новак, долгогодишен лојалист на Орбан, туку, истовремено со неа, од политичкиот живот се повлече и поранешната министерка за правда, Јудит Варга, која неодамна беше главен кандидат на Орбановата партија Фидес во кампањата за европските избори.

Што стои во заднината на оставките? Човекот по име Ендре К., кој беше помилуван минатата година, беше осуден затоа што му помогнал на својот претпоставен, шеф на сиропиталиште, да го прикрие систематското, тешко сексуално злоставување деца во најмалку еден случај. Помилувањето од страна на претседателката стигна случајно до јавноста на почетокот на годината поради жалбениот процес што помилуваниот го водел во меѓувреме – потврдата за помилување била вклучена во јавно достапните документи за неговиот случај.

Јавниот гнев поради случајот достигна ретко големи размери во Унгарија. Орбан заштитата на децата ја претвори во централен столб на својата анти-ЛГБТК пропаганда во последниве години. Равенката на премиерот е: хомосексуалноста е синоним за „педофилија“, вообичаен термин во Унгарија за злоупотреба на деца.

Оставка на бискупот Балог

Во меѓувреме, на виделина излезе и тоа дека еден од најблиските луѓе од доверба на Орбан, калвинистичкиот свештеник и поранешен министер за човечки ресурси, Золтан Балог, лобирал кај Претседателката да го помилува Ендре К. Балог.

Балог, кој е бискуп од 2021 година, првично не сакаше да поднесе оставка од функцијата претседател на Синодот на Унгарската реформирана црква. Во пресрет на исклучително големите демонстрации во Будимпешта минатиот петок (16.02.2024), Балог конечно поднесе оставка на функцијата. Протестите беа едни од најголемите демонстрации против системот на Орбан од 2010 година – во Будимпешта се собраа најмалку 50.000, а според некои процени дури 150.000 луѓе.

Демонстрантите ги спои не само нивниот бес поради скандалот со злоупотреба и двојните стандарди во системот на Орбан. На митингот се работеше за многу повеќе: за постапките на Орбан на жртвување на лојалните соработници каде што тој самиот треба да ја преземе одговорноста, за неговиот автократски стил на владеење и, пред сè, за широко распространетата корупција и злоупотреба на моќта во неговиот систем.

Масовни демонстрации во Будимпешта

Исклучително високиот број на демонстранти во земја во која мнозинството во меѓувреме е станато политички рамнодушно, според политикологот Даниел Микеч е резултат на она што тој го нарекува „инфлуенсерски активизам“. Според изјава на Микеч за порталот Qubit, „најпопуларните унгарски инфлуенсери во социјалните медиуми“ го напуштиле својот онлајн свет, организирале офлајн демонстрации и обезбедиле високо ниво на мобилизација.

Орбан во својот говор не се осврна на овој протест, ниту на деталите за аферата со злоставување. Тој за ситуацијата ја обвини исклучиво поранешната претседателка – со кратко објаснување: Нејзината функција го отелотворува единството на нацијата, а Новак веќе не можела да го одржи ова единство поради гневот по помилувањето што го дала. Затоа нејзината оставка била неизбежна.

Во натамошниот тек на говорот Орбан одеднаш детално зборуваше за можностите што ќе ги има Унгарија доколку инвестира многу во развојот на обновливите извори на енергија.

Подоцна следеа вообичаените удари против Европската унија, против „бриселските бирократи“ и против „ЛГБТК активистите“ кои наводно сакале да го уништат традиционалниот модел на семејство на Унгарија. Орбан, исто така, го повтори својот вообичаен наратив за руската војна против Украина: Европската унија се втурнала во „словенскиот братски конфликт“, а Унгарија, според Орбан, била единствениот претставник на мирот во Европа.

Орбан во дефанзива

Унгарскиот премиер, како што станува јасно од неговиот говор, моментално е во дефанзива и се чини збунет и без идеи. На долг рок, меѓутоа, скандалот со злоставување веројатно нема да влијае многу врз него. Сегашниот бран протести е морален гнев, организаторите и учесниците на демонстрациите немаат политичка програма и во моментов немаат намера да се организираат во движење или партија.

Постојните опозициски партии, исто така, немаат што да понудат освен бесот поради двојните стандарди на системот на Орбан. Партијата Демократска коалиција, предводена од социјалистичкиот поранешен премиер Ференц Ѓурчан, дури го воведе терминот „милувач на педофили“ за Орбан и неговите сопартијци – очигледно сакаат да го удрат премиерот со неговото пропагандно оружје наместо да се занимаваат со хуманистички заснована критика на Орбановото изедначување на ЛГБТК лицата и злоставувањето деца.

За унгарската адвокатка и позната експертка за детски права Силвија Ѓурко жртви на долгогодишната пропаганда и актуелната дебата се пред сè самите деца.

„Важно би било поимот злоставување деца и педофилија веќе да не служат за меѓусебна стигматизација во политичката арена“, вели Ѓурко за ДВ.

„Би било добро кога би постоела политичка волја која е сериозна во врска со фактот дека децата се нашата иднина.“

Извор: Дојче Веле/ Автор: Кено Верзек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот