СЈО НИЗ БРОЈКИ: Катица Јанева даде пет гола, а само еден прими со „пета“

Фото: МИА

На социјалните мрежи и во јавноста денеска се крена голема прашина по првостепената пресуда на скопскиот Кривичен суд за случајот „Тревник“ во кој Судскиот совет ги ослободи од вина тројцата обвинети браќа Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ. Имено, Фејсбук и Твитер беа преплавени со коментари од типот дека СЈО ништо не работи и дека паролата „че си лежат“ паѓа во вода.

Браќата Павловиќ беа обвинети од СЈО за градење на три викенд куќи во скопско Зелениково. Според обвинителството, куќите почнале да ги градат во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година. „Тревник“ е еден од 20 предмети на СЈО за кои засега, во првостепена постапка, судот по тужба на СЈО, одлучил во корист на обвинет.

„Тревник“ е дел од листата на обвиненија покренати од СЈО меѓу кои се „Титаник“, „Таргет – Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Титаник 2“, „Титаник 3“, „Тортура“, „Tврдина 2“, „Насилство во Општина Центар“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Тенк“, „Труст“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“ и „Траекторија“.

„Слободен печат“ одлучи да направи пресек на она што досега е сработено од СЈО, односно до каде се предметите кои ги покренаа Катица Јанева и нејзиниот тим.

До денес СЈО со сите политички притисоци кои ги преживува, во првостепена постапка има добиено пет предмети. Активни се пресуди за аферите „Тенк“, „Труст“, „Тифани“, „Триста“ и „Титаник 2“. При крај е процесот „ТНТ“ кој се однесува за незаконското уривање на станбено-деловниот простор „Космос“ на екс пратеникот Фијат Цаноски.

Поранешнииот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е виновен за злоупотреба на службената положба и осуден е на казна затвор од 9 години. Тој, според судијката Добрила Кацарска, треба да ги надомести трошоците во постапката и да врати над 453 илјади евра.

Случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се однесуваше на набавка на 300 возила за потребите на МВР. Според обвинението, со оваа набавка буџетот бил оштетен за 453.570 евра, а единствен обвинет во случајот беше Поповски. СЈО во текот на судењето тврдеше дека Поповски, тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

И во „Тенк“ му се судеше на Ѓоко Поповски. Тој беше осуден на шест години и шест месеци затвор во овој предметот на СЈО. Овој случај се однесуваше на набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600.000 евра, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за сторување на делото е осуден на две години затвор. Поповски е осуден за злоупотребата на службената положба, додека Груевски за стекнување лична корист и потикнување за извршување кривично дело. За третообвинетата Гордана Јанкулоска, пред еден месец постапката беше издвоена, а подоцна беше осудена на 4 години затвор.

Новинарката и уредничка во „Сител“ Ивона Талевска од скопска единица беше осудена на условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично дело за случајот „Тифани“. Талевска, според обвинението, затаила 1,6 милиони денари, а нејзините фирми не платиле данок од 2,1 милиони денари. Со судската одлука таа требаше да ја врати целата сума за која беше обвинета во предметот „Тифани“.

На 20 јули лани по одржани дваесетина рочишта, падна пресуда за предметот „Труст“. Бизнисменот Сеад Кочан е осуден на 4,8 години затвор. Според пресудата исто така, нему му се забранува во следните 3 години да биде управител или одговорно лице во правно лице.

Во првостепената пресуда за предметот „Титаник 2“ поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е осуден на 3 години затвор, Мендух Тачи – на 3 години и 2 месеци, Бедредин Ибраими – на 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски – 3 години, Сашо Срцев – на 3 години и Елизабета Стефановска – на 3 години затвор. Судот го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Сашо Мијалков и на Бедредин Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост.

Во финалниот „ТНТ“ им се суди на Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски и уште четворица обвинети. Сите на почетокот на овој процес се изјаснија дека се невини, и после бегството на Никола Груевски во Унгарија каде побара и доби политички азил. Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, во воведните зборови нагласи дека Груевски, како тогашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, и Јанакиески, како министер и висок функционер на партијата, незаконски го срушиле комплексот „Космос“ на Цаноски, само затоа што тој, како претседател на Партијата за европска иднина, одлучил да ја напушти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ за изборите во јуни 2011 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот