Синдикатот нотираше 40 „слаби точки“ на новиот работнички Устав

Градежни работници згради градилиште / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Главниот акцент од расправата на повеќе грански индустрии се става на моментот дека еден ваков закон, кој е од голема важност како за работодавачите, така и за работниците, мора да се доработи, за да се тргнат сите недоречености кои постојат во него

Како што привршуваат јавните расправи за новиот закон за работни односи, така се множат забелешките не само од синдикатите, туку и од засегнатите индустриски сектори. Се чини дека и кај едните и кај другите, „очи им бодат“  договорите за вработување, уредувањето на работата од далечина, работата од дома, а особен инстер има за одредбите за платено отсуство (мајчинство), како и на користењето на родителското право, на инспекцискиот надзор, колективните договори и слично. Само синдикатите досега нотираа околу 40 забелешки, а неофицијално толку или повеќе ќе има забелешки од компаниите. Од ССМ, велат дека ова е со цел да се подигне свеста дека работничките права мора да се унапредуваат, а не како што е случај денес да се уназадуваат.

-Во новиот Закон за работните односи треба да се избрише можноста за прераспределба на работното време која е спротивна на европските Директиви, бидејќи не е јасна, ниту е спроведлива и најчесто се злоупотребува за да не се плаќа трудот на работниците. Во Европа не постои работа без да биде платена, односно секоја работа надвор од работното време од 40 часа неделно, треба да биде платена како прекувремена работа за + 135 проценти – вели Игор Герасов, претседател на Синдикатот за индустрија.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара при прогласување на технолошки вишок, да се зголеми бројот на отпремнини и работниците да имаат право на две опремнини на секои пет години работа до 12 отпремнини. Исто така тие ја наметнуваат и потребата од допрецизирање на породилното отсуство.

-Голем дел од барањата веќе се дел од работната верзија на текстот на Законот за работните односи, но за жал за неколку клучни барања и забелешки, иако издржани, се уште не се сменети во предложениот текст – децидно констатираат од ССМ.

И од „Гласен текстилец“ се живо заинтересирани за новините на новото законско решение и инсистираат во него да не се дозволува исплата на К15 и по 100 денари, бидејќи досега тоа им беше овозможено на работодавачите, под превезот на економски тешкотии во работењето.

-Клучно е и во Законот за работни односи да не се дозволува и застарување на паричните побарувања од работен однос пред судовите, бидејќи во овој случај губат и работниците и државата – вели претседателката Кристина Ампева.

Главниот акцент пак од расправата на повеќе грански индустрии се става на моментот дека еден ваков закон, кој е од голема важност како за работодавачите, така и за работниците, мора да се доработи, за да се тргнат сите недоречености кои постојат во него. Од Министерството за труд и социјала, постојано истакнуваат дека сите забелешки кои ги добиваат на јавните расправи ќе се земат во предвид, а добро е што законот го „видоа“ и претставниците на судската фела за изедначат нивните ставови при евентуални спорови во иднина. Асоцијациите, коморите, невладините и синдикатите се дел од овие расправи, кои се одржаа во Струмица, Штип и Битола.

Според Министерството, новиот Закон за работни односи е усогласен со трудовата регулатива на Европската унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Како што велат, во него постојат повеќе новини, меѓу нив се скратувањето на времетраењето на Договорите на определено време, доуредување на сезонската работа, родителското отсуство, татково и мајчино отсуство, флексибилни форми на работа од различни причини и сл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот