Шверцери на сопствените животи

љубомир костовски
Љубомир Костовски, Фото: Архива

Филозофот Кангрга има речено за оние како луѓето од штабот во „шампитата“, кои по потреба, па и дневно коперникански ги менуваат своите ставови и идеологии, дека се шверцери на своите животи.

Дали се сеќавате на денот кога со непристојно големо присуство на полицијата, едно зимско пладне во 2012 година старите борци, оние вистинските, ги истуркаа од нивните простории, од Домот на воените инвалиди. Не, тие сограѓани, главно во деветтата деценија од животот, излегоа на улиците во центарот на градот да протестираат. Немаше голема поддршка за поранешните партизани, процените беа дека во колоната ги имаше 300 лица. Тука немаше никаква закрила од екипата на Груевски, во која беше и сегашниот лидер на оваа партија Мицкоски, која очевидно се намерачи на нивниот објект, а мора да признаам видов само како некои функционери од тогашната опозиција трчаат по улица Македонија да ги стигнат оние од колоната, на кои никој ниту од продавачите не им понуди барем некое шише со вода (!), ама не ги стигнаа: настаните како што често бива, го претркаа нивниот комодитет. Впрочем, барем кога дојдоа на власт пет години потоа да се сетеа на нивниот одземен имот! Борците, оние што преживеаја, служат само за одбележување одредени датуми.

На оваа употребливост на личности и настани се потсетија и во штабот во „шампитата“, кога веќе буквално ги подигнуваат сите теписи во земјата за да најдат некаков мотив да го привлечат населението за својот саботен протест во Скопје.

Па, така, обидувајќи се да парира за настаните што не може да ги контролира, а кои можат да им наштетат на авторитетот и угледот, црвено-црните се обидуваат да ги елиминираат. Она со признавањето на МПЦ во меѓународни црковни рамки беше таков настан, па по скепсата што се ширеше за исходот, преку средбата во чудни карактери во предворјето на Бигорски од страна на Мицкоски, потоа преку избрзаните негативни конотации за прославата на Духовден во Цариград (писание на Николовски) дојде изјавата на шефот на партијата дека станува збор за „успех на сите фактори, што дало резултат“, онака грубо срочено, без образ преземање нешто за што се нема ама никаков придонес. Ама користи ако се застане во редот, со чинијата на заслугите, за да се добие некаков славенички „заслуг“.

Ненадејната најава за можна разврска на спорот меѓу земјава и источните соседи, како дел од процедурата за отпочнување на преговорите за влез во Унијата, секако донела потрес во „шампитата“. Предлогот на Макрон за подигнување на бугарското вето не е познат – во четвртокот вечер требаше да го отворат пликот во кабинетот на Петков (!). Одлуката е да не се чекаат детали, туку документот да се напаѓа ан блок. Поранешниот главен уредник на „Нова Македонија“ Никола Тасев затоа на Канал 24 говореше за тоа дека не ни треба подигнување на ветото по која било цена, одбивајќи ја толку очевидната ситуација со која патем е на иста линија со бугарските националисти и со интересите што се шуткаат низ коридорите на Кремљ. Вториот говорник во избраните за таа штафета од Мицкоски – ексамбасадорот Никовски, татко на своевремено добро платен советник на Груевски, отиде дотаму што просто рече дека ние треба да ги поништиме сите веќе потпишани договори со Бугарија! Патем, се јавија и текстови за тоа како документот што го добил Петков е дебакл на надворешната политика на Османи, ама тоа се повлече од дневната понуда за нашите ТВ-куќи, бидејќи ако не го знаеш документот, како можеш да го напаѓаш!

Во налет на тоа ширење антибугарска атмосфера, во претис-лонецот се постави и одбележувањето на стрелањето на ваташките деца од 1943 година. Секако, тој датум вреди да се одбележи, дури и јас пуштив пост по тој повод, ама чуди што доаѓа од таборот на кој антифашизмот не им беше пријатен. Нивниот новоговор содржи и израз „комуњари“, нели, како синоним за нешто што треба да се отфрли во старт, ниту да се примириса, што би рекло, да си на дистанца од таквите знаци на опстојување на историските личности и настани…

Филозофот Кангрга има речено за оние како луѓето од штабот во „шампитата“, кои по потреба, па и дневно коперникански ги менуваат своите ставови и идеологии дека се шверцери на своите животи. Бидејќи и генерално како да омекнува односот на ВМРО-ДПМНЕ кон социјализмот, како мамка за привлекување на разочараните во земјава, предлагам функционерките на оваа партија да почнат да носат боросанки. Добро би ѝ стоеле на кметицата Арсовска, бидејќи би ја поддржувале нејзината голема активност?! И… во духот на промените, нека побараат од надлежните обнова на процесот за враќање на Инвалидскиот дом на борците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот