Шумите во планинските предели исчезнуваат со алармантна брзина

Букови шуми. / Фото: МИА

Шумите во планинските области исчезнуваат со алармантна брзина, загрозувајќи ја природата во некои од биолошки најбогатите делови на нашата планета, предупредуваат научниците.

Од 2000 година, повеќе од 7 отсто од шумите исчезнале во планинските области, површина поголема од Тексас, откриле истражувачите проучувајќи сателитски снимки и податоци, пишува Би-Би-Си.

Шумите на планинските предели се големи делови од шумско земјиште на природни височини до 2000 метри. Се наоѓаaт во две од трите географски широчини на Земјата (тропска зона и умерена зона).

Умерените зони во оваа класификација ги вклучуваат шумите на Пиринеите (Европа), Сиера Невада (Северна Америка), шумите на Хималаите (Азија), а интертропската зона ги вклучува шумите на Андите (Јужна Америка), шумите во планинските делови на Етиопија (Африка) и оние во Нова Британија (Океанија).

Исчезнувањето на најголемиот дел од планинските шуми е забележано во тропските области, клучни природни живеалишта, при што загрозените животински видови се ставени во уште поголема опасност.

Најголем дел од шумите во планинското подрачје исчезнаа поради сеча, шумски пожари и уништување на шумите за пренамена во земјоделско земјиште.

Студијата, спроведена од научници од Универзитетот во Лидс и Јужниот универзитет за наука и технологија во Кина, беше објавена во списанието „Една Земја“.

Планинските области се дом на повеќе од 85 отсто од птиците, цицачите и водоземците во светот, а шумските планински области се особено важни живеалишта за флората и фауната, велат истражувачите.

Порано биле заштитени со нивната релативна непристапност, но во овој век сѐ почесто се расчистуваат вакви шуми.

Истражувачите ги следеа промените на шумската покривка во планинските региони во светот помеѓу 2001 и 2018 година, споредувајќи различни видови шуми на различни надморски височини за да проучат како уништувањето на шумите влијаело врз природата.

Планинските шуми ги губиме многу побрзо од порано, укажаа тие, при што нивното исчезнување меѓу 2010 и 2018 година се забрза за 50 отсто во однос на периодот од 2001 до 2009 година.

Најголема загуба на шуми е забележана во Азија, Јужна Америка, Африка, Европа и Австралија. Истражувачите сметаат дека најодговорно за тоа во областа на Југоисточна Азија е расчистувањето на шумите за пренамена во земјоделско земјиште.

Во исто време, таканаречените заштитени шумски површини поминаа многу подобро. Нагласија и дека е важно да се води грижа за населението на планинските шумски предели.

Сите нови мерки за нивно зачувување „треба да ја усогласат потребата од подобра заштита на шумите и во исто време да го гарантираат процесот на производство на храна и благосостојбата на луѓето што живеат таму“, заклучуваат тие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот